Ivana Ramadanova
07 Април 2016•Ажурирај: 08 Април 2016
СКОПЈЕ (АА) - Двајцата лидери на најголемите политички партии, Зоран Заев и Никола Груевски денеска ѝ се обратија на јавноста искажувајќи ги своите ставови во врска со политичката криза и престојните избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Лидерот на опозициската СДСМ ги повика сите граѓани да се приклучат во широк фронт против власта. Заев останува на ставот дека опозицијата ќе ги бојкотира изборите поради тоа што не се исполнети условите од Договорот од Пржино, прочистувањето на избирачкиот список и регулација на медиумите.
Тој ги повика сите политички партии, невладини организации, професори, вработени и невработени, синдикати, сите борци за слобода заедно да ја вратат демократијата.
„Немаме намера да ги гледаме на телевизија изборите, ќе ги искористиме сите алатки со кои располагаме. Од сите лепези, улицата е секако една, и тука не ни бегаат улиците, сокаците и градовите во цела земја. Уште еднаш ги повикувам сите борци за слобода, синдикатите, здруженијата, сите граѓани, да се приклучат”, рече Заев.
Заев рече дека доколку некој се дрзне да го укине Специјалното јавно обвинителство, тогаш сите материјали треба повторно да се вратат од каде што се дадени, кај опозицијата.
Спротивно на него, лидерот на владеачката партија, Никола Груевски, не отстапува од ставот на партијата изборите да се одржат на 5-ти јуни.
„Одиме на избори, нека победи подобриот мора да научиме од своите грешки од минатото и да ги исправиме. Државата е поделена по сите основи и тоа мора да запре, избори мора да има и ќе има, а на нив може да се учествува или да не се учествува”, истакна Груевски.
Во врска со вчерашните случувања, Груевски истакна дека не е вистина дека медиумите не се регулирани и додаде дека тие се задолжени според Закон еднакво да информираат за секого и нивна обврска е балансирано известување.