Besar Ademi
11 Октомври 2018•Ажурирај: 11 Октомври 2018
КУМАНОВО (АА) - Вицепремиерот на Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, за случајот на новите истраги што ги отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО), меѓу кои во една од нив се споменува и неговото име, истакна дека самиот тој побарал што побрзо да се отвори истрага и да се отстрани секоја дамка од неговата работа во периодот кога беше министер за здравство, јавува Anadolu Agency (AA).
По церемонијата за одбележување на 11 Октомври - Денот на народното востание во Куманово, вицепремиерот Османи нагласи дека шпекулациите против него се веќе 3-4 години, и поради оваа причина тој побарал и инсистирал што побрзо да се отвори истрагата.
„Апелирам оваа истрага брзо да заврши за да се утврдат фактите. Сигурен сум дека фактите констатираат дека сите проекти, сите реализации, колку што знам и во мои надлежности, биле во рамки на законот и ниту една буква од законот не е прекршена. Сѐ беше во интерес на граѓаните“, рече Османи.
Тој истакна дека во истрагата забележал и грешки во бројките на Специјалното јавно обвинителство, за што рече дека компанијата што го добила тендерот била 20 милиони денари поевтина од втората компанија, додека во истрагата се вели дека е поскапа.
„За мене лично оваа истрага е многу важна, бидејќи сакам да се отстрани секоја дамка од мојата успешна работа во Министерството за здравство. Стотина и илјадници проекти се реализирани во тоа време и не верувам дека постоел друг мандат во Министерството за здравство каде што биле реализирани толку проекти колку што се реализирани во периодот кога јас бев министер“, додаде Османи.
Во истрагата што СЈО ја води под името „Пациент“, постои сомнение врз основа на злоупотреба на службената положба и овластување во процедурите за јавни набавки за вршење на градежните работи во некои јавни здравствени институции во земјата.
Во истрагата се вклучени 15 лица, меѓу кои и вицепремиерот Османи, поранешен министер за здравство од 2008 до 2011 година, за кого се сомнева дека наместо да го одбие незаконскиот предлог на Комисијата за избор на понуди, донел одлука за избор, фаворизирајќи го понудувачот, односно една компанија од Бугарија, иако не ги исполнила условите од документацијата на тендерот.
Случајот „Пациент“ е дел од предметите на СЈО, кој се занимава со предметите што произлегуваат од прислушувањата објавени во 2015 година од страна на СДСМ, чиј лидер, актуелниот премиер Зоран Заев, ја обвини тогашната власт, од која беше дел и актуелниот вицепремиер Османи, дека извршила незаконски прислушувања на над 20.000 граѓани на Македонија, меѓу кои и на политичари, различни функционери, новинари, јавни личности, за кои објавуваше прислушувани материјали.