Admir Fazlagic
11 Октомври 2018•Ажурирај: 12 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во Собранието на Република Македонија на свечена церемонија денеска беше врачена државната награда „11 Октомври“ за 2018 година.
Добитници на наградата се проф. д-р Драги Михајловски, преведувач и писател, Ристо Лазаров, писател и новинар, Петре Арсовски, актер, и проф. д-р Александар Ставридис, хирург-уролог, јавува Anadolu Agency (AA).
Михајловски, Лазаров и Арсовски наградата ја добиваат за животно дело во областа на културата и уметноста, а Ставридис за животно дело во областа на здравството.
Одлуката ја донесе Одборот за доделување на државната награда „11 Октомври“ на својата последна седница.
На добитниците наградата „11 Октомври“ им ја врачи претседателот на Одборот, Драги Ѓорѓиев, кој во своето обраќање истакна дека денешниот ден е еден од најзначајните датуми во историјата на Македонија и затоа најзначајната државна награда е посветена на тој датум.
„Понекогаш животното дело што уметниците и научниците го оставаат зад себе ги надминува нив самите, и нивното дело станува поважно од нив. Јас верувам дека денес ние доделуваме награда за животно дело на автори чиј творечки опус не е важен само за нив, и не им припаѓа веќе само на нив, туку и на целокупната македонска култура, уметност и наука“, рече Ѓорѓиев.
Во име на добитниците на годинашната награда „11 Октомври“ се обрати Ристо Лазаров. „Високото признание го сфаќа како следбеничко чекорење по славните врвици на големите татковци на современото македонско општество, тие што во мракот го пробија патот до светлината, тие што од искушенијата правеа решенија“, рече Лазаров.
Во својата кариера, Лазаров има објавено 30 поетски книги и речиси пет децении е присутен не само во македонската култура пред сè, како поет, преведувач, есеист и критичар, туку и пошироко како човек кој со меѓународно стекнатиот авторитет учествувал во претставувањето на македонската култура.
Проф. д-р Драги Михајловски е автор на повеќе збирки раскази и романи, како и на книги за деца и млади од кои некои се преведени на повеќе јазици и има преведено повеќе од 140.000 стихови од англиски на македонски јазик, како и многу романи, раскази и драми.
Актерот Арсовски е поеднакво присутен во македонскиот театар, во македонската кинематографија и ТВ-продукција, а од неговата прва филмска улога досега настапил во 77 филмски и телевизиски остварувања.
Проф. д-р Александар Ставридис, инаку хирург-уролог, бил шеф на Катедрата по хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје и директор на Клиниката за урологија. Своето знаење и искуство им го пренел на бројни студенти, специјализанти по урологија, хирургија и гинекологија.
На врачувањето на државната награда „11 Октомври“ во Собранието присуствуваа премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, пратеници, академици и други поканети гости.
Државната награда „11 Октомври“ се доделува како највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес на Република Македонија.