Besar Ademi
15 Август 2017•Ажурирај: 16 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Заменик-претседателот на Владата на Македонија задолжен за Еврoпски прашања, Бујар Османи, истакна дека по спроведувањето на владиниот План 3-6-9, со којшто Владата се задолжи за итните реформски приоритети, очекува оти Европската Унија (ЕУ) ќе одговори со безусловна препорака, евентуално еден конкретен датум за започнување на преговорите, јавува Anadolu Agency (AA).
Вицепремиерот Османи одржа работен појадок со амбасадорите на петте земји од Западен Балкан, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија. На овој прв состанок од серијата координативни состаноци предвидени со амбасадорите на земјите од Западен Балкан, се дискутираше околу неколку стратешки теми од заеднички интерес.
„Бугарија ќе биде претседавач на Европската Унија од 1 јануари. Мислам дека постои интерес овој регион да не стане црна дупка во Европа, туку да биде високо во приоритетите на Европската Унија и сметам дека тие како лидиери на Европската Унија за наредните шест месеци ќе ја стават агендата за проширување на Западен Балкан многу високо во приоритетите на Европската Унија“, нагласи Османи пред започнувањето на состанокот со амбасадорите на земјите од Западен Балкан.
Османи истакна дека соработката меѓу земјите од Западен Балкан ќе биде покорисна отколку индивидуалните ангажирања на овие шест земји, и оти една од клучите теми на првиот координативен состанок е агендата за проширување на Западен Балкан. Според него, ова е историска можност за Западен Балкан во евро-атлантските аспирации, затоа што ЕУ ќе ја водат три земји од регионот, прво Бугарија, потоа Австрија и Романија.
„Треба да ја искористиме можноста кога овие земји можат да ја подигнат агендата за проширување на Западен Балкан на ниво со повисоки приоритети. Треба да го искористиме овој прозорец на можности за конкретни резултати, за потоа да можеме да направиме значителен пробив во оваа насока“, изјави Османи.
Планот 3-6-9 беше усвоен претходно овој месец, врз основа на програмата на Владата, Договорот од Пржино, извештајот на Прибе, Венецијанската комисија, Комисијата на ГРЕКО (Групата на земји против корупцијата, како и препораките на ОБСЕ-ОДИХР.