Aida Cako,Besar Ademi
08 Јуни 2018•Ажурирај: 09 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиериот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, на презентацијата на новиот реформски План 18, во врска со долгодеценискиот спор околу името меѓу Грција и Македонија изјави дека Македонија се наоѓа во последните метри од еден 25-годишен маратон, јавува Anadolu Agency (AA).
„Наредните часови ќе бидат клучни за одлучување на исходот од овие преговори. Сметам дека е прерано да се каже кој ќе биде исходот, меѓутоа сметам дека сме во последните метри од еден 25-годишен маратон, а обично последните метри се најкритични, којшто можат да го утврдат исходот во позитивна или негативна насока“, одговори Османи на новинарското прашање.
Османи додаде дека постои волја и активен ангажман од двете страни, а во меѓувреме сите меѓународни пријатели ги охрабруваат, помагаат и се обидуваат да го олеснат спорот меѓу двете држави.
„Мое чувство е дека разликите се повеќе во интерпретација на напишаното отколку во генералните принципи коишто ги искажуваат страните во разговорите“, рече вицепремиерот на Владата.
Османи го презентираше Планот 18 пред граѓанскиот сектор и медиумите. Тој рече дека фокусот на овој владински реформски план ќе биде насочен кон клучни столбови, како што се правосудството, борбата против организиран криминал и корупција, јавната администрација и безбедносните служби.
Како што најави тој, планот ќе биде лансиран оваа недела, а ќе го покрие периодот од завршување на Планот 3-6-9 до наредниот извештај на Европската комисија, односно до започнување на преговорите и отворањето на првото поглавје.
Реформскиот План 18 следува по Планот 3-6-9 кој беше донесен во јули минатата година, врз основа на Програмата на Владата, Пржинскиот договор, Извештајот на Прибе, Венецијанската комисија, Комисијата на ГРЕКО, како и препораките на ОБСЕ/ОДИХР.