Senita Sehercehajic
15 Септември 2020•Ажурирај: 16 Септември 2020
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател, Александар Вучиќ, денес го прими палестинскиот амбасадор во земјата, Мухамед Набхан, и го извести за разговорите што делегацијата на Србија ги водела во Вашингтон и Брисел на почетокот на овој месец, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вучиќ му рече на амбасадорот Набхан дека Србија го почитува и чува пријателството со Палестина и палестинскиот народ и дека го поддржува воспоставувањето траен мир и стабилност на Блискиот Исток. Тој истакна дека се надева оти двете страни во иднина ќе најдат начин да постигнат договор што ќе придонесе за подобар живот на сите луѓе во тој регион.
„Србија е посветена на унапредувањето на односите и со Израел и Палестина и сака одржливо решение врз основа на меѓународните јавно-правни норми, утврдени во ОН, кои би донеле мир, стабилност и напредок на сите“, изјави Вучиќ, соопштено е од неговиот кабинет по состанокот.
Се додава дека се заблагодарил на раководството на Палестина за политичката поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија, и како што се наведува во соопштението од споменатиот состанок, за „принципиелниот став“ за непризнавањето на независноста на Косово.
Во соопштението од Кабинетот на Вучиќ се пренесува дека амбасадорот Набхан изјавил дека Палестина ја цени Србија, со која има длабоки пријателски односи, и дека затоа со загриженост е примена веста за можното преместување на Амбасадата. Амбасадорот Набхан, исто така, изрази уверување дека ставовите на палестинскиот народ ќе бидат уважени од страна на раководството на Србија во духот на традиционалното пријателство.
Двајцата соговорници се договорија Србија и Палестина да ги продолжат чекорите за формирање мешовит комитет за соработка, кој би ги конкретизирал постоечките договори и би помогнал подобро да се искористат можностите за сеопфатна соработка.
Се наведува дека амбасадорот Набхан го известил Вучиќ за палестинскиот став во врска со ситуацијата на Блискиот Исток.
На почетокот од овој месец, српскиот претседател, Александар Вучиќ, и косовскиот премиер, Авдулах Хоти, ги предводеа делегациите што со американскиот претседател, Доналд Трамп, во Белата куќа, потпишаа договор кој се однесува на економската соработка меѓу Србија и Косово.
Одвоено потпишаа договори со САД во кои Србија се обврза да ја премести својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим, а Косово се согласи на нормализација на односите и признавање на Израел.
Европската Унија остро реагираше на ова, соопштувајќи дека Србија, со преместувањето на Амбасадата во Ерусалим, би била единствената европска држава што би го сторила тоа.