Husamedin Gina
07 Мај 2019•Ажурирај: 07 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Поглаварот на Католичката црква, папата Франциск, денеска отслужи миса на плоштадот „Македонија“ во Скопје, на која присуствуваа околу 15.000 граѓани од земјава, како и верници од странство, јавува Anadolu Agency (AA).
Папата во својот говор на плоштадот „Македонија“ во Скопје, упати пораки за мир, соживот, за поголема љубов кон Бога и кон луѓето.
Папата Франциск порача дека рамнодушноста и клеветите треба да се заменат со чувствителност и надеж, а исто така и да се надминат стереотипите и повеќе да се грижиме еден за друг.
Поглаварот на Католичката црква, кој престојува во апостолска посета на Северна Македонија, на плоштадот дојде со т.н. „папамобил“, каде што беше пречекан од голем број собрани граѓани.
Папата Франциск, осврнувајќи се и на Мајка Тереза, која потекнува од Скопје, нагласи дека „гладта за леб, за братство и за Бога, најдобро ја познавала Мајка Тереза."
Утрово, папата Франциск беше пречекан од претседателот на Северна Македонија, Ѓорѓе Иванов и премиерот Зоран Заев на Меѓународниот аеродром „Скопје“, а потоа со свечена церемонија беше пречекан од Иванов и на платото пред Претседателската палата, вилата „Водно“.
Во рамките на посетата на Северна Македонија, во Спомен-куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје, папата Франциск оствари средба со верски лидери и со роднини на Мајка Тереза.
По литургијата, предвидено е папата Франциск да ја посети Католичката црква во Скопје, каде што ќе оствари екуменска и меѓурелигиска средба со младите.
Исто така, најавено е дека во Католичката црква Папата ќе има средба и со свештениците и нивните семејства.
Според агендата, по посетата на Католичката црква, на Меѓународниот аеродром „Скопје“, папата Франциск ќе биде испратен со Воената почесна гарда, со што официјално завршува неговата посета на Северна Македонија.