Husamedin Gina
16 Мај 2019•Ажурирај: 17 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими принцот Едвард, грофот од Весекс, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Кабинетот на претседателот, Пендаровски, изразувајќи го задоволството од посетата на принцот Едвард, истакна дека посетата е потврда за силните врски меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Претседателот Пендаровски, на денешната средба, исто така ја изрази благодарноста за севкупната британска поддршка за Северна Македонија и очекувањата дека во иднина таа ќе се продлабочува и проширува.
„Претседателот Пендаровски го запозна принцот Едвард со приоритетите во неговата работа во следните пет години, со цел обезбедување на севкупниот напредок на земјата и реализирање на стратешките цели на државата – членство во Европската Унија и во НАТО“, се истакнува во соопштението од Кабинетот на претседателот.
На средбата, претседателот Пендаровски, исто така ја посочи потребата од подобрување на перспективите за младите, преку стипендирање на студентите и истражувачите, поддршка за научниот и технолошкиот напредок на државата и преку поддршка на младински иницијативи, а со цел спречување на одливот на мозоци од земјата.
Според соопштението, на средбата, принцот Едвард, изразувајќи го задоволството од можноста по вторпат да ја посети Република Северна Македонија, на претседателот Пендаровски му ја честита новата функција и му посака успех во работата.
Принцот Едвард вчера пристигна во посета на Северна Македонија, а по тој повод во Скопје беше организирана пригодна вечера на која присуствуваа премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, министри во Владата, како и голем број други поканети гости.