Furkan Abdula
20 Јануари 2023•Ажурирај: 21 Јануари 2023
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, ја прими на средба заменик-претседавачот на Советот на министри и министерка за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, која престојува во работна посета на Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Кабинетот на претседателот на државата, на средбата соговорниците ги потврдиле добрите билатерални односи меѓу двете земји и изразиле подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката во сите сфери од заемен интерес, особено во областа на економијата.
Се истакнува дека разменети се и мислења за европските интеграции на двете земји, за улогата на Европската Унија во регионот од аспект на актуелната геополитика, и посочена е важноста од имплементација на клучните реформски процеси.
„Претседателот Пендаровски ја реафирмира поддршката од нашата држава за европските аспирации на БиХ, а воедно изрази и подготвеност за споделување на искуства во однос на НАТО интегративниот процес, додавајќи дека европските перспективи на двете земји се во насока на градење на силен и стабилен регион“, се вели во соопштението.
Пендаровски и Турковиќ разменија информации и за предизвиците со кои се соочува регионот од аспект на политичките, економските и безбедносните состојби.