Furkan Abdula
20 Јануари 2023•Ажурирај: 21 Јануари 2023
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, ја прими заменик-претседавачот на Советот на министри и министерка за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, која престојува во работна посета на Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение ја потврди Кабинетот на претседателот на Собранието.
Се истакнува дека на денешната средба со Турковиќ, Џафери ги нагласил досегашните одлични пријателски односи меѓу двете земји како односи кои се движат постојано по нагорна линија, и изразил надеж дека овој интензитет на политичка и друга комуникација ќе продолжи да се развива и понатаму.
Во таа насока, Џафери упатил апел до пратеничките групи на двата законодавни дома за заемна соработка на теми од заеднички интерес.
„Претседателот Џафери ја информира гостинката за меѓународната агенда на Република Северна Македонија во новата 2023 година каде меѓу другото се активностите поврзани со особено значајното претседавање со ОБСЕ, претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа и секако, преговорите со Европската Унија како наша главна стратешка цел“, се вели во соопштението.
Меѓу другото, Џафери се осврнал и на економската соработка помеѓу двете земји и реалната потреба од воведување на директна авиолинија на релација Скопје - Сараево или друго алтернативно решение кое би довело до надминување на овој постоечки проблем.
„Министерката за надворешни работи на БиХ, Бисера Турковиќ, изрази благодарност до Џафери за одвоеното време и нагласи дека особено ја радува добриот и пријателски однос меѓу двете земји, но уште повеќе пријателскиот однос меѓу луѓето во двете земји“, се додава.
Таа го информирала Џафери за тековните активности по изборите во БиХ околу формирањето на новиот Парламент.
„[Турковиќ] Имаше пофални зборови за нашата меѓународна активност, а особено во однос на конкретната поддршка што Република Северна Македонија ја дава на украинските институции и народ, при што нагласи дека со тоа сме меѓу ретките мали земји кои дале толку голема помош во ова подрачје зафатено со конфликт. Таа, исто така, се согласи со претседателот Џафери околу потребата од воведување на авиолинија меѓу двете земји и подвлече дека во наредниот период треба да се работи интензивно на ова прашање“, се истакнува во соопштението.
На крајот на средбата соговорниците потврдија дека ќе направат сè што е во нивен домен на делување за интензивната и пријателска соработка да продолжи и во иднина.