Ivana Ramadanova
31 Мај 2017•Ажурирај: 01 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот и министер за надворешни работи во заминување, Никола Попоски, денес одржа последна прес-конференција на којашто се осврна на сите досега постигнати резултати за време на неговото министрување, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето проштално излагање пред новинарите, Попоски посака Република Македонија да ги исполни своите стратешки цели, како и успех за што побрз влез на земјата во ЕУ и во НАТО.
„Влезот на Република Македонија во ЕУ и во НАТО зависи исклучиво од земјите-членки во Унијата и затоа би било интелигентно од перспективата на Унијата да се даде рамка и критериуми што треба да се исполнат. Членките треба да покажат иницијатива и да дадат јасна перспектива кога ќе се случи тоа, како и да дефинираат рамка дали тоа би било во 2022 година или 2024 година, дотогаш да се исполнат критериумите. Без таква перспектива, не ѝ се помага на европската кауза“, истакна Попоски пред новинарите.
Министерот Попоски нагласи дека Република Македонија во изминатиот период има постигнато значително големи резултати во поглед на патот кон ЕУ и НАТО.
Осврнувајќи се на прашањето за спорот со името со Грција, Попоски истакна дека во овој момент и од оваа позиција, не може да даде оцена за епилогот за ова прашање.
„Од оваа позиција не можам да давам прогнози дека тоа прашање ќе биде затворено, но можам да кажам дека во последните години има значаен напредок во односите со јужниот сосед и имаме една позитивна клима која ја чувствуваат и граѓаните“, рече Попоски.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе биде лидер на партијата ВМРО-ДПМНЕ или, сепак, ќе остане на функцијата пратеник во Собранието, Попоски нагласи дека нема планови за одредени позиции или функции.
„Во план ми е да се вратам во Собранието и да бидам пратеник. Ќе работам во интерес на подобрување на состојбите во нашата држава. Во врска со прашањето дали ќе бидам лидер на ВМРО-ДПМНЕ, можам да кажам дека тоа се главно политички мотивирани информации или шпекулации, со цел да се создаде слика на едно неединство во партијата“, додаде Попоски.
Функцијата министер за надворешни работи на Република Макеоднија, Попоски ја вршеше од 2011 година.