Ivana Ramadanova
31 Јули 2017•Ажурирај: 01 Август 2017
СКОПЈЕ - Стопанската комора на Македонија денеска одржа прес-конференција на тема „Градење на капацитетите на лицата со хендикеп за полесно вработување во приватниот сектор“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Јадранка Аризанковска од Стопанската комора, цел на оваа прес-конференција е да се запознаат институциите и компаниите со активностите кои ги има центарот за вработување на лица со хендикеп, и условите и програмите кои се нудат од страна на Владата за поддршка на компаниите за повторно вработување на лицата со хендикеп.
Стопанска комора на Македонија заедно со „Полио Плус“ реализираат еден европски проект од ИПА, наречен „Центар за вработување на лица со хендикеп“, кој е дел од оперативната програма за развој на човечки ресурси.
„Проектот во суштина има двојна мисија, од една страна да ги подготви лицата со хендикеп со потребните знаења и вештини, образование и квалификации за нивна целосна интеграција во општеството и воедно поддршка на компаниите за вклучување на лицата со хендикеп во нивните работни процеси“, истакна Аризановска.
Новоформираниот центар, како што истакна Аризановска, се наоѓа во просториите на Стопанската комора и претставува едно иновативно решение кое цели да ја унапреди и зајакне работливоста на лицата со хендикеп, паралелно работејќи со институциите и компаниите од отворениот пазар на труд, со цел да се отворат нивните врати за целосно и ефективно вклучување на овие лица во работните процеси.
Томислав Отаковски од „Полио Плус“ на денешната прес-конференција истакна дека овој законски систем не е совршен и затоа треба многу да се работи за да се придонесе кон вработувањето на оваа целна група.
„Центарот за вработување на лицата со хендикеп, Стопанската комора на Македонија и 'Полио Плус', имаат одредена советодавна улога кон самите компании, од аспект на изготвување на стратешки докумети кои би го вклучиле прашањето на хендикеп на самата компанија, не само како вработени лица со хендикеп туку и како целна група за нудење на своите услуги и производи на начин којшто е пристапен за самите лица со хендикеп“, додаде Отаковски.
Засега сѐ уште најмногу инвалидизирани лица, над 2.000, се ангажирани преку заштитните организации, а бројката во јавниот и приватниот сектор е значително помала.
Државата од 2000 година обезбедува финансиска поддршка за компаниите во вид на неповратна помош за вработување лица со хендикеп, техничка помош, како и до 200 просечни плати за обезбедување опрема за инвалидизираните лица.