Admir Fazlagic
28 Декември 2016•Ажурирај: 29 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ - Останаа уште само неколку дена од тековната календарска 2016 година, а граѓаните веќе почнаа да се подготвуваат за дочекот на новата 2017.
На главниот градски плоштад во македонската престолнина Скопје се чувствува новогодишната атмосфера. Традиционално, големата елка е украсена со лампиони и светилки, а граѓаните што поминуваат во близина ја користат шансата да се фотографираат. Кон крајот на месец декември започна и предногодишниот базар, на кој граѓаните можат да купат различни новогодишни подароци за најблиските. Секако, новогодишната еуфорија е особено присутна кај децата, кои им се радуваат на ноговодишните пакетчиња, украсениот новогодишен амбиент, но најмногу на надежта дека ќе добијат многу подароци и деќа ќе им се остварат желбите.
Од друга страна, граѓаните на Скопје во разговор за Anadolu Agency (AA) оценуваат дека минатата година генерално за нив била потешка од претходните, а се надеваат дека наредната ќе биде подобра.
Делчо Гавровски вели дека Новата година ќе ја помине во кругот на семејството и верува оти новата 2017 ќе биде подобра од претходната.
„Ќе славам во домашен амбиент. Минатата година беше многу тешка, а за следната ќе видиме“, вели тој.
За Сара Симоска, која штотуку се вратила од Италија, изминатата година била одлична, бидејќи успеала да магистрира.
„Годинава за мене помина одлично, магистрирав архитектура. Барам работа и се надевам дека во 2017 ќе најдам работа по моја мерка“, вели Симоска и додава дека нема конкретен план како ќе ја помине новогодишната прослава, но ќе биде со своите пријатели и верува дека ќе помине убаво.
Новогодишниот базар на скопскиот плоштад го посети и Марија Христовска, која купува подароци за своите најблиски. Во наредната година посакува повеќе здравје.
„Како и секоја година, и оваа ќе бидам дома, во семеен круг. Годинава ја оценувам како многу тешка, а новата ќе ни донесе нови радости. Господ да ни даде многу здравје и сила да издржиме“, вели Христовска.
На плоштадот можат да се сретнат и луѓе преправени во хероите од цртаните филмови, кои се обидуваат да ги анимираат и да ги израдуваат децата. Еден од нив е „Маша", која во разговор за АА вели дека си поминува одлично забавувајќи се со намладите на кои им го разубавува денот.
„Наредната Нова година нека ни донесе повеќе здравје, среќа, а неисполнетите желби да ни се исполнат“, посакува „Маша“.
Не е мал бројот на децата што застануваат покрај украсената новогодишна елка и се фотографираат со Дедо Мраз. Малиот Шехид посакува во наредната година повеќе време да поминува со своите родители и како што вели, сите во Македонија да бидат среќни.
„Ќе шетаме со другарите, ќе го чекаме Дедо Мраз. Во новата година сакам да бидеме среќни сите во Македонија. Во новата година би сакал да имам мотор“, истакнува тој.
И во другите делови на градот може да се почувствува предновогодишната раздвиженост и на бројни места се забележуваат убави новогодишни декокрации на излозите од дуќаните, но и од приватните куќи.
Оваа година, неколку општини во Република Македонија, како и Градот Скопје, се откажаа од новогодишната прослава. Според соопштението, предвидените средства ќе бидат пренаменети за социјални цели.