Abdula Berisha
12 Април 2019•Ажурирај: 14 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) – Министерството за внатрешти работи во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја претставија апликацијата за паметни телефони „Улогата на полицијата за време на избори“, јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа апликација им овозможува на полициските службеници полесен пристап во законската регулатива надоврзана на изборниот процес за претседателските избори закажани на 21 април, но истовремено во неа имаат увид и граѓаните, кои исто така можат да се информираат за полициските овластувања и надлежности.
Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, рече дека едукацијата и професионалното усовршување на полициските службеници треба да биде континуиран процес, вклучувајќи го и следењето на новите технолошко-образовни стандарди.
„Овојпат, тоа мора особено да се подвлече, граѓаните имаат непосредна можност да имаат увид во полициските овластувања и надлежности околу самиот избирачки процес“, рече Спасовски.
Тој истакна дека апликацијата може да се симне од интернет-страницата на Министерството за внатрешни работи и дека на овој начин се скратува времето потребно за обука на полициските службеници.
Апликацијата е изработена од компанија ангажиранана од страна на Мисијата на ОБСЕ во нашата земја. Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, рече дека Министерството за внатрешни работи ја препозна важноста на технолошкиот развој и заедно со ОБСЕ започна долгорочен проект за развој на модерна електронска платформа за обука на полициските службеници.
„Предностите на електронското учење за разните организации вклучуваат намалување на оперативните трошоци, нуди флексибилност, ефикасност и го скратува времето потребно за обука“, рече амбасадорот Која.
Презентацијата на апликацијата се одржа во Центарот за обука во Идризово, каде што беа присутни и деканот на Факултетот за безбедност, како и други претставници од Министерството за внатрешни работи.
Оваа апликација за прв пат во Северна Македонија е употребена во текот на референдумот одржан на 30 септември минатата година.