Husamedin Gina
24 Март 2022•Ажурирај: 28 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора на Република Косово, Доника Грвала Шварц, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението од кабинетот на претседателот, Џафери изрази задоволство од средбата која се реализира во кус период по неговата официјална посета на Република Косово.
Џафери, истакнувајќи дека на средбите со државниот врв на Република Косово било потврдено дека одличните билатерални односи и успешната соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Косово се карактеризираат со меѓусебна поддршка и почитување, отворен и конструктивен дијалог, подвлече дека двете земји имаат исти стратешки определби и цели во однос на надворешната политика.
На средбата, како што пишува во соопштението, Џафери ја нагласил поддршката на Северна Македонија за евроатлантските аспирации на Косово, како и подготвеноста за давање придонес во таа насока.
„Република Северна Македонија, како членка на НАТО, со свои припадници на Армијата учествува во КФОР и на тој начин придонесува кон стабилноста на Република Косово“, рече Џафери.
Меѓу другото, Џафери повтори дека земјата има афирмативен став за пристапување на Република Косово кон сите мултилатерални и регионални организации и иницијативи и дека ќе продолжи со поддршката на овој план.
Од друга страна, според соопштението, вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора на Република Косово, Доника Грвала Шварц, заблагодарувајќи се за принципиелната поддршка на Република Северна Македонија за Република Косово, ги нагласи одличните добрососедски односи, без отворени прашања.
Шварц, осврнувајќи се на евроатлантската перспектива на Косово, со осврт на напорите за добивање визна либерализација со ЕУ, информира дека годинава Косово ќе аплицира за кандидатски статус во Унијата.
Отворените прашања со Република Србија, според Грвала Шварц, се од политичка природа и не би требало да претставуваат пречка за европската интеграција на Република Косово.
Таа исто така оцени дека се потребни нови импулси во дијалогот меѓу Приштина и Белград, чија цел треба да биде реципрочно признавање и нагласи дека Косово покажа конструктивност и голема заинтересираност за изнаоѓање решение во овој процес.
Доника Грвала Шварц информира дека на средбите со меѓународните партнери укажува на потребата за итно отпочнување преговори за членство на Република Северна Македонија и Република Албанија со Европската Унија, бидејќи одложувањето на овој процес е порака која ги демотивира и обесхрабрува земјите од Западен Балкан.
На крајот од средбата, Џафери и Грвала Шварц изразија уверување дека политичкиот дијалог и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Косово ќе продолжат со несмален интензитет, во сите полиња од заемен интерес.