Husamedin Gina
23 Декември 2020•Ажурирај: 24 Декември 2020
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, денес од страна на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски беше информиран за состојбата и борбената подготвеност на Армијата на Република Северна Македонија во 2020 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според писменото соопштение од Кабинетот на претседателот на првиот брифинг за борбената готовност по полноправното членство во НАТО Алијансата присуствуваше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, генералите во Армијата и претставници од кабинетот на претседателот и министерството за одбрана.
Генералот Ѓурчиновски на брифингот истакна дека со особено залагање и професионализам на сите припадници на Армијата се реализираат сите доделени задачи во поддршка на институциите при справувањето со епидемиолошката кризна состојба предизвикана од вирусот „Ковид-19“ и дека успешно се реализираат подготовките и учеството во меѓународните операции.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека како членка на НАТО, Северна Македонија има обврска не само да ги постигне туку и да ги унапредува НАТО стандардите во чекор со сојузниците, а тоа значи постојано инвестирање во борбената готовност на Армијата.
„Зајакнувањето на борбената готовност на Армијата е наш национален и НАТО приоритет. Лесниот пешадиски баталјон за неколку години ќе прерасне во Лесна пешадиска борбена група. Примарен фокус во градењето на оваа НАТО способност е пополнета со персонал, опремувањето и обуките. Високото ниво на борбена готовност секојдневно го демонстрираат и нашите мировници ангажирани во операциите за поддршка на мирот“, нагласи министерката Шекеринска.
Според писменото соопштение, претседателот и врховен командант, Стево Пендаровски во своето обраќање до учесниците на брифингот истакна:
„Изминатава 2020-та година, со сите предизвици што ни ги донесе, е историска за Армијата, поради зачленувањето на Република Северна Македонија во НАТО, чин со кој се исполни една од нашите главни стратешки цели како држава, и се валоризираа севкупните напори на припадниците на одбраната од независноста до денес“.
Пендаровски истакнува дека како врховен командант е горд на високиот професионализам и покажаната посветеност на припадниците на Армијата и во изминатата година.
„Прогласената кризна состојба уште еднаш ја потврди подготвеноста на Армијата брзо да одговори на потребите на институциите и да даде поддршка кога е тоа потребно. Инвестирањето во модернизирањето и опремувањето на Армијата мора да продолжи. Еден од моите главни приоритети останува во следните години да ја достигнеме зацртаната цел, 2% од БДП да се одвојува за одбраната“, посочи Пендаровски.
Брифингот за борбената готовност е планска годишна обврска на началникот на Генералштабот кон претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Вооружените сили.