Furkan Abdula
27 Мај 2021•Ажурирај: 28 Мај 2021
СКОПЈЕ
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој престојува во посета на Италија италијанската република и Светата столица, по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, денеска имаше аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Кабинетот на претседателот Пендаровски, на средбата биле истакнати одличните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Светата столица, за кои се вели дека се темелат на длабоки историски врски, споделени духовни и културни вредности и традиции.
„Претседателот Пендаровски го реафирмира интересот за продлабочување на односите со Светата столица, во сите сфери од заеднички интерес, и го истакна значењето на католичката заедница во Северна Македонија и нејзиниот придонес во нашето општество“, се наведува во ова соопштение.
Се истакнува дека Пендаровски посочил и на значењето што Северна Македонија го придава, како што се наведува во соопштението, на промовирањето на меѓурелигискиот дијалог и почитувањето на верските слободи.
„По аудиенцијата кај Неговата светост, папата Франциск, претседателот Пендаровски оствари средба со државниот секретар на Светата столица, кардиналот Пјетро Паролин“, се додава во соопштението.
Инаку, по средбата одржана вчера на Меѓународниот аеродром „Скопје“, претседателите на Северна Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски, и Румен Радев, со државниот авион на Република Бугарија отпатуваа за Рим, Италија,, со цел заеднички да оддадат почит на делото на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.