Andelija Stojkovic
06 Јуни 2022•Ажурирај: 07 Јуни 2022
БЕЛГРАД (АА) - Неформалната група граѓани „Руси, Украинци, Белоруси и Срби заедно против војната“ денеска одржаа протест пред Претседателството на Србија поради најавата за посета на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, јавува Агенција Анадолија (АА).
Десетина граѓани се собраа и носеа транспарент „Во Хаг, не во Белград“, како и натписи „Ви благодариме соседи, ја спасивте Србија од срамота“, на кои беа црногорското, македонското и бугарското знаме.
Организаторите рекоа дека поголемиот собир го откажале поради тоа што Лавров ја откажал посетата, а еден од претставниците на групата, Чедомир Стојковиќ, рече дека Србија денес има причина да слави бидејќи „претставникот на пропагандата на воени злосторства и агресија врз Украина не дојде во Белград благодарение на поддршката што на слободниот народ на Србија му ја пружаат пријателските соседни земји“.
Тој рече дека би било штета ако Лавров дојдеше, бидејќи оваа земја би се покажала како земја на која злосторството во Украина ѝ е прифатливо и дека тоа би било „прст во око на украинските бегалци“.
Стојковиќ додаде дека целта на собирот била да се покаже дека во Србија живеат луѓе што се борат за вистински вредности кои подразбираат одвојување од „злосторничкиот режим на Владимир Путин и брзо пристапување кон Европската Унија“.
Во неколку наврати граѓаните застануваа и се обидуваа да се расправаат со таа група, но тие кратко им одговараа, а полицијата постојано беше присутна.
Додека траеше протестот на Андриќевиот венец, во својот Кабинет претседателот Александар Вучиќ разговараше со амбасадорот на Русија, Александар Боцан-Харченко.