Fatjon Cuka
20 Јули 2022•Ажурирај: 21 Јули 2022
ТИРАНА (АА) - Во седиштето на Советот на министри на Албанија се одржа церемонија за симболично подигнување на европското знаме по отворањето на преговорите за членство на Албанија во Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот на Албанија, Еди Рама, имаше свое обраќање на церемонијата, во кое истакна дека денешниот ден е нов ден за Албанија.
„Со подигнувањето на знамето денеска во седиштето на премиерот се одбележува и подигнувањето на Албанија на друго ниво, не само во односите со Европската Унија, туку и со нејзината иднина, заедно со институциите, слободите, правата, безбедноста и нејзиниот развој во сите области“, рече Рама.
Тој нагласи дека овој момент го одбележува и подигнувањето на друго ниво на обврски во односите на албанското општество и албанскиот граѓанин со вредностите, принципите, стандардите, правилата и духот на европско-демократскиот соживот.
„Од денеска нашиот пат не станува полесен, туку станува сѐ попредизвикувачки. Соочувањето со раните и сенките на минатото кои сѐ уште бараат голем напор конечно да се победат, влегува во нова фаза. Духот на промената влегува во нова длабочина. Способностите за промени се пред нов испит. Енергијата, одлучноста и трпението се пред нов испит“, истакна тој.
Потсетуваме, на 19 јули Албанија и ЕУ ја одржаа првата меѓувладина конференција, со што отпочнаа преговорите за членство на Албанија во ЕУ.