БРИСЕЛ
– Шерифе ЧЕТИН
Европа од една страна ја слави 30-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид, а од друга страна гради ѕидови и огради за да се спречат бегалците да влезат во нејзините земји. Тоа покажува дека на континентот преовладуваат ограничувањата, а не слободата.
Според информациите до кои стигна Аnadolu Аgency (AA), во моментов има околу 20 жичени мрежи и ѕидови во различни европски земји.
Има значително зголемување на изградбата на ѕидови и жичена ограда по кризата со бегалците што започна во 2015 година.

- „Изграден е ѕид шестпати подолг од Берлинскиот ѕид“
Според истражувањето спроведено од холандскиот аналитички центар „Трансатлантски институт“, ѕидовите и оградите подигнати во Европа по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година ја надминале бројката од илјада километри.
„Европската Унија (ЕУ) и државите во Шенген-зоната од 1990 година изградија илјада километри sидови за да ги спречат бегалците да влезат во Европа. Тоа значи дека се 6 пати подолги од Берлинскиот ѕид“, се нагласува во истражувањето.
„Патролите во морињата и строгите контроли на границите, исто така, создаваат „невидливи sидови“ кои се поставени против бегалците“, се истакнува во истражувањето и се додава дека вистинската и имагинарната атмосфера на страв што е создадена во Европа ја поттикнува ксенофобијата и создава опасен свет за бегалците.
Истиот аналитички центар во друг извештај наведува дека изградбата на ѕидови и жичена ограда обезбедува значителни придобивки за компаниите кои ги градат и дека станува збор за профит од 1 милијарда евра.
- Кај членките на ЕУ „sидовите“ се распостранети
ЕУ, која ја игра улогата на бранител на човековите права и му придава големо значење на слободното движење на стоки и лица, особено по миграциската криза, почна да гради ѕидови.
Многу членки на ЕУ веќе изградија ѕидови и подигнаа огради за да ги запрат луѓето што бегаа од војната.
Првиот ѕид во ЕУ беше изграден во 1993 година, околу Сеута, автономна област на Шпанија во Африка. Првиот ѕид изграден во 1993 година, кој е составен од бодликава жица со должина од 8,4 километри и 3 метри во висина, беше променет откако во 2005 година загинаа голем број бегалци кои сакаа да ја преминат границата. Со промените висината на оградата е зголемена на 6 метри, а должината достигна до 11 километри.
Шпанија го изгради вториот ѕид во Мелила, на границата на земјата со Мароко, исто така за да ги запре бегалците.
И Грција, која се наоѓа во првите редови на тврдокорниот став во однос на миграциските прашања, во 2012 година на границата со Турција стави висока бодликава жица.
И Бугарија како членка на ЕУ стави бодликава жица на границата со Турција. Бугарија во првата етапа во 2013 година стави жица во должина од 30 километри, а во 2016 година должината на жицата ја зголеми на 146 километри.
Во Европската Унија, Унгарија, позната по нејзиниот негативен став кон бегалците, е прва земја која презеде мерки по започнувањето на бегалската криза.
По Унгарија, и Србија повлече бодликава жица во Келебија, село кое е тешко да се премине пеш поради различните водни патишта и трски.
Унгарија ја следеше Австрија, која изгради 15-километарски ѕид на словенечката граница. Австрија во 2016 година изгради ѕид на границата со Италија.
Словенија, исто така, изгради жичена ограда долга 150 километри и висока 2 метра на нејзината граница со Хрватска.
Естонија, една од северноевропските држави, изгради ѕид на руската граница во 2015 година, а потоа ѕидови изградија и Латвија и Литванија.
Франција и Англија решија заеднички да го финансираат ѕидот кај Кале, што го изградија во 2016 година на нивната граница.
Данска кон изградбата на ѕидови се приклучи во 2019 година. Таа повлече висока бодликава жица на германската граница со цел да се спречат „дивите свињи“. Со таа бодликава жица исто така беа спречени и можните бегалци.
- Северна Македонија и Норвешка, исто така, поставија жичени огради
Северна Македонија, која се наоѓа на рутата на бегалците и чиј приоритет во надворешната политика е да стане членка на ЕУ, за да ги спречи бегалците кои се обидуваат да стигнат до западноевропските земји во 2015 година повлече жичена ограда на границата со Грција.
Норвешка, која не е земја на ЕУ, но се наоѓа во Шенген-зоната, во 2016 година изгради ѕид на границата со Русија за да ги спречи бегалците од Блискиот Исток да преминат во Европа.
- Нови точки на поделба во Европа
Падот на Берлинскиот ѕид, кој секоја година се одбележува со голема гордост во Европа, се смета дека дава значаен придонес за слободата, солидарноста и соработката.
Падот на Берлинскиот ѕид е несомнено важен затоа што стави крај на поделбата меѓу Западна и Источна Германија.
Сепак, Европа, која се фали со овој успех, со градењето на ѕидови и огради за да се спречат бегалците што бегаат од војна да влезат во нивните земји, покажува дека на континентот преовладуваат ограничувањата и поделбите, а не слободата.