Besar Ademi
06 Октомври 2017•Ажурирај: 07 Октомври 2017
ОХРИД (АА) - Овие два дена во Охрид, професори, академици, работници од областа на исламското образование, како и претставници на исламските заедници на Македонија и регионот, ќе дебатираат на третата меѓународна конференција на темата „Албанските медреси во сегашно време: Наставните планови и учебниците“, јавува Anadolu Agency (АА).
Меѓународната конференција е организирана од страна Меѓународниот институт на исламската мисла (IIIT) и Албанскиот институт на исламската мисла и цивилизација (AIITC), во соработка со Центарот за напредни студии (CNS) – Сараево и Факултетот за исламски науки – Скопје.
Целите на конференцијата се да се проучи, анализира и да се идентификува развојот на различните аспекти на исламската мисла кај Албанците, моменталната состојба, предизвиците и перспективите. На оваа конференција, исто така, ќе бидат претставени модели на исламското образование од соседните исламски заедници, како што се Санџак и Босна.
Директорот на AIITC, Рамиз Зекај, на отворањето на конференцијата рече дека средбите се организираат за да се подигне свеста на истражувачите, научниците, интелектуалците и сите оние што се грижат, работат и придонесуваат во областа на исламското знаење, култура и образование, за научниот, интелектуалниот и едукативниот производ, понудени за општествата каде што живеат Албанци.
„Целта на конференцијата во Охрид е да бидат направени опсежни анализи од научен аспект на наставните програми и учебниците од медресите на просторите каде што се зборува албански, но исто така и во поширокиот балкански регион. Медресите биле, се и ќе останат исламски образовни институции со најдолга традиција на редовна настава на верски и национален план, кои имаат најголем број ученици и студенти кои се заинтересирани за исламско образование“, рече Зекај.
- „Медресите во областите каде што живеат Албанци ја одиграа улогата на калење личности“ -
Поглаварот на Исламската верска заедница на Македонија (ИВЗ), Сулејман Реџепи, рече дека медресите во областите каде што живеат Албанци на Балканот ја одиграа, меѓу другото, и улогата на калење на личности кои оставиле неизбришливи верски и национални траги.
Реџепи апелираше да се воспостави иницијатива којашто ќе го подигне верскиот и националниот глас до актуелните влади за да се прифати како неопходна потребата за акредитација на медресите како државни средни училишта.
„Ние како здружение не смееме сѐ уште да дејствуваме приватно. Акредитацијата на нашите средни училишта, со сите свои специфики, разликите и специјалните предмети, треба да се концептуализираат како непобитни вредности во вкупниот образовен систем. Ова е приоритетен предизвик што треба итно мораме да го надминеме“, рече Реџепи.
- „Меѓу неколкуте позитивни аспекти што се развиваат на Балканот е и исламското образование“ -
Од друга страна, претседателот на CNS, Сараево, Ахмет Алибашиќ, изјави дека на Балканот има многу малку позитивни аспекти кои се развиваат, а еден од нив е исламското образование.
„Воглавно, Балканот во Европа не е толку ценет, и ако зборуваме од интелектуална гледна точка, многу малку луѓе очекуваат важни нешта да произлезат од Балканот. Сепак, постои една работа. Овие денови во Брисел се зборува со еден вид почит во врска со исламското образование на Балканот“, рече Алибашиќ.
Тој апелираше да се соработува и да се создаде синергија, бидејќи, како што рече, поединечно сите се мали, но ако се обединат, тоа прави голема разлика.
Инаку, дводневната конференција е поделена на шест сесии, на коишто познавачи и професори на исламските науки од земјата и од регионот ќе дебатираат за медресите во минатото и во сегашноста, методите на наставата во албанските медреси, како и за други прашања во врска со наставната програма на исламските верски предмети.