Furkan Abdula
15 Јули 2021•Ажурирај: 16 Јули 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека заклучно со вчера, во земјата против новиот вид коронавирус (Ковид-19) се вакцинирани над 440.000 граѓани, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, додека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува.
„На вакциналните пунктови во државата, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 440.299 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 5.401 граѓанин, а вчера вкупно се вакцинирале 12.821 граѓанин. Во државата вкупно се аплицирани 700.193 дози вакцини, а ревакцинирани се 259.894 граѓани. Со последните бројки 58 отсто од населението над 70 години има примено барем една доза вакцина, 55 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 50 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 40 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, се наведува во соопштението.
Се истакнува дека е голем интересот за вакцинација без закажан термин, и дека со прва доза и без закажан термин се вакцинираат возрасни лица што сакаат да се вакцинираат, во пунктовите во здравствените домови низ државата.
„Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување термини за вакцинација на децата“, се вели во соопштението.
Ревакцинацијата, според Министерството, се одвива во градовите Скопје, Кавадарци, Куманово, Тетово, Велес, Штип, Битола, Струмица, Охрид и Прилеп.
Министерството за здравство апелира до граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање нагласувајќи дека е единствен начин да се успее во борбата против него.