СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Северна Македонија попладнево одржа вонредна седница со цел обезбедување итна помош за Република Туркије, по катастрофалниот земјотрес што ја погоди земјата со големи човечки загуби, повредени граѓани, како и голема материјална штета, пренесува Анадолу.
Според владиното соопштение, Министерството за надворешни работи информира дека има државјани од Северна Македонија во погодените подрачја во Туркије, меѓу кои нема жртви и повредени, и кои се наоѓаат на безбедни локации.
Почесниот конзулат, според информацијата од Министерството за надворешни работи, има подготвено планови за сместување, брза медицинска помош и поддршка во храна и пијалаци за државјаните, доколку за тоа се појави потреба.
Владата го задолжи Министерството за надворешни работи, преку дипломатско конзуларните претставништва на Северна Македонија во Туркије (Анкара и Истанбул), да ги координира активностите за евакуација на државјаните на Северна Македонија од погодените подрачја.
Владата, на предлог на Министерството за надворешни работи, на денешната 126. седница, ги донесе следниве заклучоци:
„Се задолжува Министерството за финансии да подготви и до Владата да достави одлука за одобрување на средства од резервите на Буџетот на Северна Македонија за 2023 година, во износ од шест милиони денари за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес.“
„Се задолжуваат Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, во координација со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, итно да подготват и до Владата да достават соодветна одлука за испраќање на сили/тимови за заштита и спасување, коишто ќе се вклучат во погодените подрачја, како и одлука за испраќање хуманитарна помош за заштита и спасување во Туркије.“
„Се задолжува Министерството за одбрана во рамките на своите надлежности итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување соодветна помош во персонал, опрема во вид на механизација, шатори, душеци, ќебиња, грејни тела и друг вид соодветна помош.“
„Се задолжува Министерството за здравство, во рамките на своите надлежности, итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови; Се препорачува, Црвениот крст на Северна Македонија во рамките на своите законски надлежности и можности, во соработка со надлежните институции, да се вклучи во акцијата за обезбедување помош на настраданите, со испраќање тимови и друг вид хуманитарна помош, соодветна за вакви природни катастрофи.“
„Се задолжува Генералниот секретаријат на Владата во соработка со Министерството за надворешни работи, да преземе активности во насока на итно префрлување на одобрените средства од Буџетот, како и да одржува редовна комуникација со Амбасадата на Туркије во Северна Македонија, со цел спроведување на одлуката.
Владата, на предлог на Дирекцијата за заштита и спасување, донесе одлука во санирањето на последиците од земјотресот во Туркије да се испратат 40 лица од Дирекцијата за заштита и спасување - припадници на републичките сили за заштита и спасување.“
Во соопштението се вели дека од Дирекција за заштита и спасување се обезбедува и комплетна специјализирана опрема и материјално - технички средства за пребарување и спасување под урнатините, шест возила за транспорт на опремата и луѓето и две противпожарни возила.
Финансиските трошоци за оваа намена ќе се обезбедат од средства на Дирекцијата за заштита и спасување.
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе одлука за испраќање хуманитарна помош за заштита и спасување во Туркије и тоа 10.000 ќебиња и 200 санитетски носила.
Владата, исто така, на предлог на Министерството за одбрана, донесе одлука за испраќање тим за заштита и спасување од Министерството за одбрана во Туркије, за учество во давање помош на Туркије.
Во санирањето на последиците од земјотресот, се испраќаат вкупно 24 лица припадници на Министерството за одбрана - Армија на Северна Македонија, од кои 22 лица од Баталјонот за специјални сили и две лица водичи на службени кучиња, со две кучиња, од Командата за обука и доктрини на Министерството за одбрана.
Финансиските трошоци за оваа намена ќе се обезбедат од сопствените средства на Министерството на одбрана.
- Министерство за надворешни работи -
Меѓу другото, Министерството за надворешни работи на Северна Македонија соопшти дека деветте државјани на Северна Македонија (осум ученици и нивен ментор/наставник), кои беа затекнати во загрозеното подрачје во Туркије, според последните информации се на безбедно и не се во животно – загрозувачка состојба.
По инструкција на МНР, Амбасадата во Анкара испрати дипломат заедно со дополнително возило со кое загрозените граѓани ќе бидат упатени на безбедна локација од каде ќе го продолжат патот кон Северна Македонија.
Последните информации говорат дека за едно од децата кое има скршеница, направена е првична медицинска санација на повредата, и истото е подготвено за патување и заедно со групата ќе биде упатено назад кон земјава, штом дипломатот од Амбасадата во Анкара пристигне на лице место.
И последните информации од Амбасадата во Анкара и Генералниот конзулат во Истанбул добиени во 16:30 часот нема други државјани на Северна Македонија кои се наоѓаат во загрозена состојба, или на кои им е потребна асистенција.