Furkan Abdula
17 Ноември 2021•Ажурирај: 18 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Северна Македонија соопшти дека изутрина на Меѓународниот аеродром „Скопје“ пристигна група од четворица новинари од Авганистан, за кои земјата обезбеди привремен престој, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението се вели дека станува збор за ТВ и радионовинари кои работеле за локални медиуми и дописници за странски медиумски куќи, а дека по падот на демократската Влада, добивале закани за животот од талибанците.
„Северна Македонија им обезбеди привремен престој до заминување во трета држава по барање на Меѓународната организација на новинари и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Со прифаќање на овие авганистански граѓани, земјава ја продолжува активната улога во големата хуманитарна операција за помош на продемократското население во Авганистан“, се истакнува во соопштението, и се додава дека „овие лица биле во опасност од новите тамошни власти“.
Се нагласува дека по слетувањето била спроведена стандардната процедура - безбедносна проверка, заштита и ПЦР-тест, и дека овие лица ќе бидат привремено сместени во Скопје, како и тоа дека трошоците во целост се покриени од организацијата „Новинари за човекови права“.
„Во земјава во моментов престојуваат 534 граѓани на Авганистан за кои институциите им ја обезбедуваат и пружаат потребната поддршка и помош. Од Северна Македонија досега заминаа 85 граѓани на кои траен престој им обезбедија Франција, Грција, Ирска, Португалија, Бразил и САД“, се додава во владиното соопштение.