Bekim Laci
26 Октомври 2017•Ажурирај: 27 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Размена на знаењата и искуствата на домашните и на меѓународните експерти од областа на јавната и приватната безбедност, за справување со предизвиците со коишто се соочува приватната безбедност, е темата на меѓународната конференција „Приватна и јавна безбедност, соработка и партнерство“, која се одржува во Скопје, во рамките на кампањата „Денови на приватното обезбедување 2017“, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за внатрешни работи на Македонија, Оливер Спасовски, во својот говор истакна дека приватната безбедност е етаблирана на квалитетен начин, следејќи ги современите трендови.
Според него, во земјата има вкупно 136 правни субјекти кои имаат лиценци за услуги на обезбедување лица и имот, 60 субјекти имаат лиценца само за приватно техничко обезбедување, а 131 субјект имаат лиценца за обезбедување врз основа на личните потреби, што зборува многу за ширењето на овој сегмент.
Спасовски нагласи дека нивото на соработката на МВР со Комората на Република Македонија за приватно обезбедување е на задоволително ниво, бидејќи споделуваат една заедничка сфера во нејзиното дејствување, но динамиката на општествениот живот ја наметнува потребата за проширување на оваа соработка уште повеќе.
„Истовремено, според она што го имам како показател од аспект на контролата и соработката на надлежните служби при Министерството за внатрешни работи со комората на Република Македонија за приватно обезбедување сакам да истакнам дека во тој домен функционираме речиси беспрекорно како партнери што и практично споделуваат заеднички сфери на интерес. Секогаш може и повеќе и подобро особено кога се има в предвид постојаната динамичност на општественото живеење и прилики коишто пак постојано наметнуваат нови трендови вклучително и во областа на дејноста приватно обезбедување. Од таму сосема е логично, оправдано да се мисли на перспективите што ги споделуваат приватната и јавната безбедност. Исто како што е логично на ваква тема да и се даде еден подлабок стручен и експертски фундамент како што тоа впрочем денес го манифестира овој наш форум овде", рече Спасовски.
Спасовски побара да се изградат нови концепти на соработка, особено во областа на меѓусебната комуникација, на која ќе претходи експертско скенирање на ситуацијата, како што е денешната дебата што ќе се одржи во Скопје.
Од друга страна, претседателката на Комората на Република Македонија за приватно обезбедување, Верица Милевска, истакна дека 20-годишната работа на Комората бара нивниот работен систем секогаш да се надградува со нови искуства, станувајќи уште попрофесионален.
Според неа, процесот на професионализација е процес што постојано се надградува, но подготвеноста на приватното осигурување за преземање на одговорноста на безбедноста се поврзува со процесот на континуирана едукација за да биде гаранција за безбедноста.
„Процесот на унапредување и професионализација на секторот приватно обезбедување е актуелна тема и на глобално ниво, вредностите, стандардите, трендовите се интернационализирани. Во оваа наскока комората на Република Македонија на приватно обезбедување со внимание го следи развојот на сите овие процеси и преку непосредна соработка со организациите за приватно обезбедување одржува интензивни и непосредни контакти и комуникација“, рече Милевска.
Деканот на факултетот за безбедност, Никола Дујовски, под чие покровителство се одржува денешната конференција, нагласи дека приватното и јавното обезбедување може да се спроведува само преку врската на институциите како што се МВР и Комората на Република Македонија за приватно обезбедување, но без исклучок на академската сфера, и особено странските искуства, кои се добредојдени.
Во текот на денот, покрај домашните предавачи, со своите искуства околу темата за јавно и приватно обезбедување ќе зборуваат експерти и од Белгија, Норвешка, Романија, Словенија и од Хрватска.
Конференцијата секоја година се организира од страна на Комората на Република Македонија за приватно обезбедување, со цел промовирање на оваа дејност.