Zülfiya Yakup
25 Октомври 2017•Ажурирај: 25 Октомври 2017
ПРИШТИНА (АА) - Соединетите Американски Држави ќе продолжат со поддршката за Косово во сите процеси, рече заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји, на состанокот со косовскиот премиер Рамуш Харадинај, јавува Anadolu Agency (AA).
Хојт Брајан Ји му ја честиташе на премиерот новата должност, истакнувајќи дека САД ќе продолжат да го поддржуваат Косово во сите нови процеси.
Тој истакна дека патот за европската интеграција на Косово и на земјите од регионот е отворен и ги поттикна институциите на земјата да се ангажираат во продлабочување на внатрешните реформи во областа на владеењето на правото и во промовирање на економскиот развој, беше соопштено од Владата на Косово.
Харадинај високо ја оцени американската поддршка на Косово во сите фази на градење на државата и истакна дека постојаната улогата на САД за зачувување на мирот и стабилноста не само нво Косово, туку и во регионот, е од витално значење.
Премиерот Харадинај рече дека зачувувањето и негувањето, како и продлабочувањето на односите на трајното пријателство со САД за Косово е од посебно значење.
Тој го информираше Ји за настаните во Косово и за динамиката на внатрешните работи, со посебен акцент на владеењето на правото и економскиот развој на земјата, како и посветеноста кон исполнувањето на критериумите во процесот на евроатлантските интеграции.
Харадинај истакна дека Косово е посветено на својот европски пат и интензивно работи на внатрешните реформи, за да ги исполни своите обврски од Спогодбата за стабилизација и асоцијација со цел да ја приближи земјата до статусот земја-кандидат за членство во ЕУ.
Тој оцени дека Косово е фактор на мирот и стабилноста и дека ги негува добрососедските односи со сите земји во регионот, вклучително и Србија, со која развива дијалог за нормализирање на односите.
Косовскиот премиер истакна дека Косово ќе ги исполни сите свои меѓународни обврски и ја нагласи потребата од меѓународна консолидација на земјата преку членство во ОН, ЕУ и НАТО.
Заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји, претходно имаше одвоена средба со претседателот на Косово, Хашим Тачи и претседателот на косовскиот парламентот, Кадри Весели. Пред посетата на Косово, тој ја посети и Србија.