Sanela Crnovrsanin
16 Април 2021•Ажурирај: 19 Април 2021
САРАЕВО (АА) - Словенечкиот претседател Борут Пахор, изразувајќи ја својата поддршка за територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, рече дека е против каква било промена на границите на Балканот, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференција во главниот град Љубљана, Пахор даде изјава во врска со неофицијалниот документ (нон-пејпер), наводно испратен од словенечкиот премиер Јанез Јанша до претседателот на Советот на Европската Унија (ЕУ), Шарл Мишел.
Наведувајќи дека не знаел за постоењето на овој документ, Пахор рече дека цврсто го поддржува проширувањето на Европската Унија (ЕУ) кон Западен Балкан.
Подвлекувајќи дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е важно геополитичко прашање, Пахор рече: „Верувам дека ЕУ треба да ги вклучи сите земји од Западен Балкан што е можно поскоро и соодветно да ја утврди својата стратегија.“
Меѓу другото, Пахор истакна дека побрзото проширување на ЕУ на Западен Балкан ќе го намали ефектот на опасната идеја за промена на границите што не може да се постигне со мирни средства.
„Јас се спротивставувам на каква било промена на границите на Балканот. Ако земјите од Западен Балкан се приклучат кон ЕУ, принципот на територијален интегритет на земјите исто така ќе биде зајакнат. Прашањата меѓу нив ќе бидат решени и ќе се постигне стабилност во регионот и Европа“, нагласи претседателот Пахор.
Посочувајќи дека овие идеи ги брани повеќе од десет години, Пахор рече: „Неодамна бев во официјална посета на Босна и Херцеговина. Јас сум пријател на Босна и Херцеговина, ги поддржувам територијалниот интегритет и евроатлантските интеграции. За време на моето претседателство остварив седум посети на Босна и Херцеговина. Не знаев за таков документ.“
Пахор подвлече дека тој е еден од ретките претседатели на држави кој отворено ја истакнува важноста на мирот, дека не е можно постојните граници да се менуваат мирно и дека е против таквите промени.
- Објавена содржината на документот -
Во документот, чија содржина беше објавена во вестите во словенечките медиуми, беше откриено дека Босна и Херцеговина треба да биде поделена и дека Република Српска (РС), еден од двата ентитета на Босна и Херцеговина, треба да се спои со Србија. Исто така во документот стои дека Косово и Албанија треба да се спојат.
Документот подготвен на англиски јазик со наслов „Западен Балкан - патот напред“ не е официјален став на Словенија.
Се тврди дека тоа е „решение“ за проблемите со кои се соочува поранешна Југославија.
Во документот се нагласува дека членството на Босна и Херцеговина во ЕУ треба да биде одбиено и дека Турција ќе има корист од јазот во регионот, особено во Босна и Херцеговина и Северна Македонија.
Друго прашање за кое се дискутираше на оваа тема е тоа дека словенечкиот претседател Борут Пахор, за време на неговата мартовска посета на Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина, ги праша членовите на Советот: „Вие во Босна и Херцеговина може ли да имате мирна разделба?“
Во изјавата на Кабинетот на Пахор од 12 април стои: „Пахор секогаш предупредува на реториката за поделба на Босна и Херцеговина и прекројувањето на границите на Западен Балкан. Врз основа на овие реторики, тој го постави ова прашање на членовите на Советот.“