Bekim Laci
11 Јануари 2018•Ажурирај: 12 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) – Собранието на Република Македонија со 69 гласа за, го усвои Законот за употреба на јазиците, воздржани немаше, а немаше ни против, јавува Anadolu Agency (AA).
На пратениците од четвртокот им останата само гласањето, за коешто беше потребно и бадинтерово мнозинство, при што од 28 пратеници, 27 гласааа за, еден воздржан и ниту еден против.
По усвојување на законот, пратеникот од парламентарното мнозинство, Артан Груби, истакна дека со денешното гласање во Собранието е заокружен нормативниот дел на Охридскиот мировен договор, и сега преостанува институциите да го спроведат законот, со што граѓаните, според него, ќе ја почувствуваат јазичната еднаквост на албанскиот и македонскиот јазик во сите државни органи.
„Од моментот на објавување на законот во Службениот весник, нема да има ниту една пречка за натписот на зградата на Собранието и Владата на Република Македонија, како и Претседателството да бидат напишани и на албански јазик, што е една законска обврска за сите носители на институциите“, рече Груби.
На денешната седница не беа присутни пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои не учествуваат во работата на Собранието во знак на револт за, како што велат, недостигот на демократски амбиент како резултат на приведувањето на нивни колеги поврзани со настаните во Собранието на 27 април минатата година.
Претходно, Собранието со 68 гласа за, ниту еден воздржан и против, и со 66 гласа за, ниту еден воздржан и против, ги избраа Осман Кадриу и Дарко Костадиновски за нови судии во Уставниот Суд, кои ги заменуваат судиите Наташа Габер Дамјановски и Гзиме Старова, на кои им истече мандатот.
Инаку, со Законот за употреба на јазици, како што велат од Министерството за правда, се предвидува во сите државни органи на Р. Македонија, покрај македонскиот јазик, официјален јазик да биде и јазикот кој го говорат 20 отсто од граѓаните во Македонија и неговото писмо, во случајот албанскиот јазик.