Admir Fazlagic
11 Јануари 2018•Ажурирај: 12 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - ТАВ Македонија денеска одржа прес-конференција на која што ги презентираше резултатите од 2017 и плановите за 2018 година, јавува Anаdolu Agency (AA).
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој, изјави дека изминатата 2017 година беше успешна за ТАВ Македонија.
„Достигнавме два милиона патници на двата аеродрома во Скопје и во Охрид, со 13 отсто пораст, споредено со 2016 година. Во истовреме, опслуживме 8130 летови со 7 отсто годишен пораст. Овие бројки ги постигнавме главно како резултат на новите авиолинии што беа додадени во нашата мрежа од скопскиот и од охридскиот аеродром, како и зголемената фреквенција на постојните линии“, рече Ерсој.
Тој потсети дека во 2018 година „Qatar Airways“ (Катар Ервејс) влезе на пазарот од Блискиот Исток, и од јули започна со летови што сообраќааат на релацијата Доха-Скопје, и додаде дека во меѓувреме се воведени нови сезонски летови од Катовце до Охрид и за првпат се пречекани полските туристи што пристигнаа на аеродромот во Охрид.
Ерсој истакна дека за оваа година, една од најважните цели е да пречекаат над два милиони патници на аеродромот во Скопје и се осврна на очекувањата за оваа година.
„Во 2018 година, како и секогаш, и понатаму ќе останеме фокусирани кон проширување на нашата мрежа, но исто така и кон нашата главна цел, односно да обезбедиме висококвалитетни услуги за нашите патници и за нашите клиенти“, истакна Ерсој.
Меѓудругото, во однос на очекувањата за оваа година тој рече дека се очекува прометна летна сезона на аеродромот во Охрид како и значаен пораст во авиосообраќајот поради четирите нови дестинации кои беа најавени: Варшава, Талин и Ајдховен - коишто ќе започнат да сообраќаат од летната сезона 2018 година, и Виена којашто е најавена од неодамна.
Ерсој информираше дека авиолинијата Охрид-Виена ќе започне да сообраќа во ноември 2018 година како редовен лет.
Запрашан за конкретната одлука на ТАВ Македонија околу изградбата на карго-аеродром во Штип, генералниот директор на ТАВ Македонија, Ерсој рече дека сѐ уште нема конкретна одлука, како и дека се прават испитувања од страна на институциите. Тој нагласи дека кога ќе има конкретно решение и кога ќе биде добиено, ќе се постапи по истото.
На новинарско прашање за евентуалната промена на името на аеродромот „Александар Велики“, Ерсој рече дека станува збор за политичко прашање и дека како концесионер ќе ја почитуваат одлуката на граѓаните.