Zlatan Kapiç
06 Јануари 2017•Ажурирај: 07 Јануари 2017
БЕЛГРАД (AA) - Сообраќајот на автопатот Ниш-Белград е запрен во двата правца поради верижен судир во кој учествуваа 30 возила, соопшти денеска началникот на Секторот за вонредни ситуации на Министерството за внатрешни работи на Србија, Предраг Мариќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Во верижниот судир се повредени најмалку 17 лица, кои се згрижени во Ургентниот центар во Ниш. Меѓу повредените, шест се деца.
Бројот на повредените не е конечен со оглед на тоа што екипите за итна помош и понатаму ги донесуваат повредените во судирот. Српските медиуми пренесуваат дека на делницата на автопатот во близина на Ниш стасаа и припадници на жандармеријата.
Сообраќајот во двата правца на автопатот Белград-Ниш е запрен поради лошите временски услови и слабата видливост, како и поради несоодветната зимска опрема на некои учесници во сообраќајот, соопштено е утрово од Јавното претпријатие „Патишта на Србија“.
Снегот и снежните наноси кои на некои локални патишта достигнуваат висина и до два метра, од утрово предизвикуваат големи тешкотии во одвивањето на сообраќајот во околината на Ниш.