Балкан

По терористичкиот напад во Србија полицијата во текот на ноќта изврши претреси на повеќе локации

– Ивица Дачиќ изјави дека се приведени две лица, од Белград и Нови Пазар, како и дека е приведено едно лице од Босна и Херцеговина.

Gorana Jakovljevic  | 30.06.2024 - Обновена : 01.07.2024
По терористичкиот напад во Србија полицијата во текот на ноќта изврши претреси на повеќе локации Фото: Архива

БЕЛГРАД (АА) - Заменик премиерот на Република Србија и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека по вчерашниот терористички напад, во текот на ноќта биле извршени претреси на десетици локации во Србија и дека биле интервјуирани десетици луѓе, а обвинителството ќе ги определи понатамошните постапки, пренесува Анадолу.

Дачиќ информираше дека притвор е одреден за две лица, од кои едното е од Белград, а другото од Нови Пазар. Во Белград е приведен и маж под сомнение за терористичко здружување.

Во неделата министерот Дачиќ изјави дека е приведено лице од Босна и Херцеговина.

„Третото лице, државјанин на БиХ, нема одобрен престој во Србија. Ќе му биде наредена мерка депортација од Србија“, рече Дачиќ, додавајќи дека се работи за лице од Горажде.

Дачиќ во саботата прогласи црвено ниво на безбедносни закани од тероризам, откако обвинителството нападот врз припадникот на жандармеријата пред израелската амбасада го прогласи за терористички чин.

На веб-страницата на Владата на Србија е објавено дека во согласност со црвеното ниво ќе биде зголемено присуството на полицијата, не само пред амбасадите и државните институции, туку и на места каде што престојуваат голем број луѓе.

Тој рече дека терористичкиот акт е прекинат на првиот чекор и дека граѓаните не треба да се плашат, бидејќи полицијата ќе направи сѐ што е во нивна моќ да ги заштити.

Тој во саботата го посети ранетиот припадник на жандармеријата во Ургентниот центар со српскиот претседател Александар Вучиќ и министерот за здравство Златибор Лончар. По посетата претседателот Вучиќ изјави дека Србија нема да покаже милост кон терористите и дека жандарот Милош Јевремовиќ, кој се здоби со тешки повреди, ќе биде одликуван.

Дачиќ во саботата рече дека лицето кое го изврши терористичкиот напад во Белград е Милош Жујовиќ (1999), со религиозно име Салахудин, конвертит (лице кое ја сменило верата) од Младеновац, кој се преселил да живее во Нови Пазар. Министерот Дачиќ соопшти дека напаѓачот околу 11 часот пукал од самострел кон припадникот на жандармеријата кој бил на безбедносна служба пред Амбасадата на Израел и го погодил во вратот. Жандарот Јевремовиќ употребил оружје во самоодбрана и го совладал напаѓачот, кој починал од здобиените повреди.

Дачиќ и Јахел Вилан, амбасадорот на Израел во Србија, денес во Ургентниот центар го посетија припадникот на жандармеријата.

„Со реконструкција на движењето на Жујовиќ, од утрото кога дојде од Младеновац со автобус на автобуската станица во Белград, забележано е дека тој прво го обиколил градот и отишол до синагогата. Бидејќи таму имало полицијата, продолжил понатаму и стигнал до израелската амбасада“, рече Дачиќ и додаде дека зборува за можните цели за напад.

Дачиќ потврди дека сопругата на Жујовиќ два дена пред терористичкиот акт ја напуштила земјата и заминала во Црна Гора.

Министерот за внатрешни работи на Србија рече дека при претресот на куќата на Жујовиќ во Младеновац, пронашле потврда за самострелот што го купил претходниот ден во продавница во Земун.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.