Ivana Ramadanova
22 Февруари 2017•Ажурирај: 23 Февруари 2017
СКОПЈЕ (AА) - Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска ja прими Аргентина Шабадос, регионален директор на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), задолжена за Југоисточна Европа, Источна Европа и Централна Азија, јавува Anadolu Agency (AA).
Од кабинетот соопштија дека на средбата се разговарало за актуелната состојба со бегалската и мигрантската криза, стратегиите и активностите на Меѓународната организација за миграција и за улогата на Македонија во справувањето со мигрантската криза, при што Иванов истакнал дека Македонија ги спроведува мерките и постапува согласно заклучоците на Европскиот совет, со цел превенирање на заканата од илегална миграција, заштита на границите и зачувување на интегритетот на Шенгенската зона.
„Безбедносните служби на Република Македонија се справуваат со мигрантската криза на одговорен и професионален начин, со хуманитарна поддршка во согласност со највисоките европски и меѓународни стандарди“, посочил македонскиот претседател.
Шабадос го информирала претседателот Иванов за стратегиите и приоритетите на ИОМ во однос на натамошната соработка со Република Македонија во сферата на миграциите.
„Регионалниот директор изрази задоволство од односот и третманот на Република Македонија кон бегалците и мигрантите согласно сите меѓународни стандарди и го поздрави начинот на кој земјата се справува со мигрантската криза“, се вели во соопштението.