Furkan Abdula
11 Февруари 2019•Ажурирај: 11 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во рамките на официјалната посета на Република Словенија, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, оствари средба со претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, пренесувa Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Собранието на Македонија, словенечкиот претседател Пахор изразил задоволство од средбата и упатил честитки за ратификацијата на Преспанскиот договор и усвојувањето на уставните измени, и истакнал дека Република Македонија е пријателска држава, која според него, дели заедничка историја со Република Словенија, и земја со која постои заемна почит и одлична соработка.
Во соопштението се наведува дека Пахор ги поздравил и напорите на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ, при што истакнал дека преземените одлуки за решавање на споровите со соседите бараат голема политичка одговорност, но потребна е решителност и храброст за донесување зрели политички одлуки кои придонесуваат за подобра и побезбедна иднина за сите граѓани.
Претседателот Џафери изразил благодарност за поддршката на Република Словенија во напорите за интегрирање на Република Македонија во НАТО и ЕУ, и нагласил дека земјата е свесна за патот којшто го помина, и дека тежината на одлуките нема да ги промени чувствата на граѓаните, туку напротив, ќе ги зближи повеќе, преку заемна почит и разбирање.
Според соопштението, Џафери, исто така, ги пофалил и регионалните иницијативи како што е „Брдо - Бриони процесот“, како и Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), како добар пример за надминување на споровите од минатото и добра основа за регионална соработка.
Во овој контекст, се вели во соопштението, Џафери подвлекол дека е особено значајна визијата на Република Словенија за интегриран и стабилен Западен Балкан во НАТО и ЕУ.
„Во продолжение, претседателот Пахор нагласи дека Република Словенија ќе направи сè што е можно да ја поддржи Република Македонија на нејзиниот евроатлантски пат, бидејќи само преку интеграција на сите земји од Западен Балкан ќе имаме мир во регионот и пошироко. Тој, исто така, истакна дека безбедноста на регионот влијае и на економскиот аспект, затоа што, што поскорото членство на нашата земја во НАТО и ЕУ ќе значи и поголема безбедност, раст на економијата, отворање нови работни места и подобрување на квалитетот на секојдневниот живот“, се наведува во соопштението на македонското Собрание, и се додава:
„Во текот на средбата, претседателот Џафери потсети дека Република Македонија посветено ги исполнува неопходните реформи од приоритетните области вградени во Планот 3-6-9 и Планот 18 и тоа беше вреднувано со позитивен извештај на Европската комисија и одредување датум за преговори од страна на Советот на ЕУ. Исто така, парламентарното мнозинство посвети особено внимание на унапредувањето на добрососедските односи и регионалната соработка, свесно за значењето и битноста на овој елемент во процесот на проширување. Тој нагласи дека во процесот на скрининг се активно вклучени сите релевантни институции на Република Македонија, додека во контекст на НАТО, очекувањата се дека до крајот на 2019 година или почетокот на 2020 година, ќе станеме 30-та членка на НАТО“.
Според соопштеното, на крајот на средбата, двајцата соговорници се согласиле дека е потребно да се интензивира соработката меѓу двете земји, особено во економскиот дел, бидејќи зајакнувањето на соработката меѓу земјите од Западен Балкан придонесува за една побезбедна и посигурна Европа, а со тоа ќе ѝ се покаже и на Европа дека Балканот е подготвен да стане дел од заедницата во која се почитуваат правата и слободите на граѓаните, заедница во која владее правото, демократијата и европските стандарди.
Џафери во рамките на посетата на Словенија оствари средба и со словенечкиот премиер Марјан Шарец.