Zülfiya Yakup
01 Март 2018•Ажурирај: 01 Март 2018
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, во Софија оствари средба со бугарскиот премиер, Бојко Борисов, кој денес беше домаќин на заедничкиот состанок на лидерите на земјите од Западен Балкан со челниците на Европската Унија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што беше соопштено од Претседателството на Косово, на оваа средба е разговаранo за продлабочување на билатералната соработка меѓу двете земји, како и за зајакнување на европската перспектива на Косово и на целиот регион.
Тачи му се заблагодарил на Борисов за неговата лична посветеност за еднаква вклученост и третман на сите земји од Западен Балкан и нивната перспектива за членство во ЕУ.
Двајцата лидери се согласиле дека новата стратегија за проширување на ЕУ за земјите од Западен Балкан претставува вистинска можност што треба да ја искористат сите земји.
„Свесни сме дека брзината на зачленувањето на земјите од Западен Балкан ќе зависи од способноста и квалитетот на исполнувањето на реформите од страна на овие земји, а пред сè, од способноста за надминување на билатералните проблеми“, рече Тачи по средбата.
Од друга страна, Борисов изјави дека ќе продолжи да го поддржува Косово на неговиот пат кон Европската Унија, бидејќи членството на сите земји од Западен Балкан во ЕУ носи стабилност, соработка и благосостојба за сите.
Тачи нагласи дека Косово останува посветено на постигнувањето задолжителен правен договор со Србија, што подразбира целосна нормализација на меѓудржавните односи.