Zülfiya Yakup
14 Април 2017•Ажурирај: 15 Април 2017
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, денеска го прими американскиот сенатор Џон Мекејн, кој беше одликуван со „Орден на слободата" за неговиот придонес за слободата и независноста на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Косовскиот претседател со предавањето на признанието, истакна дека целиот живот на сенаторот е придонес до слободата.
„Во најтешките моменти за нашиот народ, пронајдовме инспирација во вашиот пример. Вие станавте нашиот глас, кога ние немавме глас, вие со вашата работа и посветеност докажавте дека слободата не е привилегија на силните, туку основно право на секој човек, секој народ", рече Тачи.
Сенаторот Џон Мекејн изјави дека е почестен што му е доделено вакво високо признание, како што е „Орден на слободата" и вети дека ќе работи за Косово да остане една демократска држава.
„Ние сите знаеме дека треба да поминеме повеќе милји, со цел да се постигне напредок, но кога ќе го видиме напредокот кој веќе е постигнат, демократија, слободата и фер избори, мислам дека луѓето во Косово треба да бидат горди. Со голема жртва се постигна многу. Јас имам намера да сторам сé што е во моја моќ да помогнам да продолжи поддршката на САД и другите земји, но особено САД и да се погрижиме Косово да остане слободна, демократска и убава земја како што е сега", изјави сенаторот.
Американскиот сенатор Џон Мекејн вчера во Приштина се сретна со претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели и премиерот, Иса Мустафа, и одржа говор пред делегатите на свечената седница на Собранието на Косово.
Од Приштина, Мекејн денес оди во посета на Албанија, а во рамките на својата балканска турнеја оваа недела и ја посети Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.