Балкан

Српскиот министер за здравство: Седумнаесет повредени од Северна Македонија се згрижени во Србија

„Повредите се исклучително сериозни и пациентите ќе добијат сѐ како во најдобрите клиники во светот“

Sanja Zivanovic  | 17.03.2025 - Обновена : 17.03.2025
Српскиот министер за здравство: Седумнаесет повредени од Северна Македонија се згрижени во Србија

БЕЛГРАД (АА) - Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар, денес изјави дека 17 повредени од Северна Македонија се згрижени во четири здравствени центри во Србија - Клиничкиот центар на Србија, Военомедицинската академија (ВМА), Воената болница во Ниш и КЦ Ниш, јавува Анадолу.

Лончар најави пристигнување на уште 12 пациенти.

„Се врши дијагностика и терапија, тие се преврзани во салата. Станува збор за сериозни повреди. Нашите капацитети им стојат на располагање. Ги сносиме сите трошоци, помагаме и сѐ ќе прифатиме. Повредите се исклучително сериозни и пациентите ќе добијат сѐ како во најдобрите клиники во светот“, рече Лончар.

Премиерот на Србија во оставка Милош Вучевиќ изјави дека по состанокот со потпретседателот на Владата на Северна Македонија, Иван Стоилковиќ, во Белград, повредените што се згрижени во српските здравствени институции ќе имаат најдобра нега и грижа.

Директорот на Клиниката за изгореници, пластична и реконструктивна хирургија на Универзитетскиот клинички центар на Србија, Милан Стојичиќ, изјави дека е неблагодарно да се даваат процени и прогнози за закрепнување, особено во случај на изгореници.

„Особено е лошо да се процени прогнозата во однос на процентот на изгореници кај оние што имаат респираторна компонента. Тоа ќе се искристализира наредните денови“, рече Стојичиќ.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој изби ноќта сабота кон недела, загинаа најмалку 59 лица, а повредени се над 100.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.