Aida Cako
15 Септември 2024•Ажурирај: 19 Септември 2024
СКОПЈЕ (АА) - АИДА ЦАКО -
Старата скопска чаршија претставува едно од најстарите и најзначајните културно-историски обележја во средиштето на главниот град на Северна Македонија, јавува Анадолу.
Овој простор, кој датира од османлискиот период, претставува уникатен спој на традиционалното и модерното, создавајќи неповторлива атмосфера што ги привлекува туристите од сите страни на светот.
Нејзината уникатност се состои во автентичната архитектура, постоењето на разни народи, многубројните занаети, како и развојот на богатата народна традиција.
Туристите од сите краишта на светот ја посетуваат чаршијата за да ја почувствуваат поинаквата атмосфера од останатиот дел на градот, да се запознаат со локалните занаети и да уживаат во вкусот на традиционалната храна што потсетува на богатите турски специјалитети.
При шетањето по калдрмата тие имаат можност да откријат голем број споменици што сведочат за богатата историја на Скопје. Од Безистенот и Куршумли-ан, до џамиите и црквите, секој објект има своја приказна што го одразува културниот и религиозниот диверзитет на градот. Овие споменици не се само архитектонски ремек-дела, туку и симболи на минатото што ја дефинираат чаршијата како срце на Скопје.
Меѓу најзначајните знаменитости се Камениот мост, Даут-пашиниот амам, Куршумли-ан и Султан-Муратовата џамија. Покрај нив, во чаршијата има и две цркви, музеи, саат-кула, ресторани, занаетчиски продавници и многу кафулиња со источен и западен шарм.
- „Во Скопје ги најдов моите предци“ -
Екипата на Анадолу имаше можност да разговара со некои од туристите што ја впиваа атмосферата на ова место, сами или во групна посета со водич.
Хасан Арслан од Туркије во изјавата за Анадолу рече дека е многу возбуден што е во Скопје.
„Доаѓаме од Дузџе, имаме прекрасна група од Туркије. Скопје разбуди емоции кај нас. Навистина е историски град. Среќни сме што овде се наоѓаат османлиски траги. Тажни сме што можеби нема да ни биде доволно овде. Но за оние што сакаат да ги видат делата на нашите османлиски предци, дефинитивно треба да го посетат. Особено благодариме на Анадолу за средбата со нас. Возбудени сме што ќе ја доживееме оваа атмосфера овде.“
Друга туристка изјави: „Во Скопје ги најдов моите предци. Иако далеку, се чувствував како да сум во мојата татковина. Бев многу возбудена. Добро сте ја зачувале (историјата). Среќни сме што сме тука. Многу е убаво да се слушне повикот за молитва во друга земја, да се видат трагите на нашите предци овде и да се доживее тоа чувство. Тука ни е втор ден, многу сме среќни. Благодарни сме. Луѓето овде се прекрасни, сите зборуваат турски. Не верував дека ќе биде така. Се чувствував како да сум во мојата татковина.“
Туристот Метин Дујар, изненаден од атмосферата на чаршијата, изјави: „Вчера бевме во Грција и синоќа дојдовме во Скопје. Скопје нѐ изненади од моментот кога влеговме. Ни ја даде атмосферата на Туркије. Луѓето ви помагаат. Тие споделуваат сè со нас. Овде шетаме како да е наш град. Ги посетивме џамиите, имало околу 35 џамии, ова нѐ израдува. Ова е дел од Османлиската Империја. Многу ми е мило што го видов ова место. Порано сум бил во Босна, но ова е место каде што мора повторно да дојдам. Многу ми се допадна. Дојдовме да истражуваме. Неверојатно е. Ова место е архитектонски слично на градот Амасја. Во овој регион 80 отсто зборуваат турски, среќата е обострана. Прашуваме на англиски, а луѓето ни одговараат на турски.“
- Домашни и странски туристи во Северна Македонија -
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во јуни 2024 годинава изнесува 119.751, од кои 23 отсто се домашни, а 77 отсто се странски туристи.
Во периодот од јануари до јуни 2024 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 11,1 отсто. Бројот на домашни туристи е зголемен за 3,3 отсто, а бројот на странски за 14,4 отсто.
Вреди да се напомене дека меѓу странските туристи доминираат посетителите од Туркије, потоа следуваат посетителите од Србија, Холандија, Грција, Германија итн.