СКОПЈЕ (АА)
Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, осуден е на казна затвор 12 години, а поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, осудена е на 4 години затвор, во пресудата на Основниот кривичен суд - Скопје во случајот „Таргет Тврдина“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Основниот кривичен суд - Скопје во случајот „Таргет Тврдина“, кој се однесува на масовното прислушување и уништување на опремата од УБК на Северна Македонија, денеска изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица.
На поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, Судот му изрече казна затвор од 12 години за кривичните дела „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.
Судот на поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Груевски, и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, во отсуство им изрече казна затвор од по 15 години.
Обвинетата поранешна министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, доби 4 години казна затвор за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, поранешниот шеф на Кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, е осуден на 6 години затвор за кривичните дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“, а началничката од УБК Надица Николиќ доби казна во траење од 3 години затвор за кривичните дела „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Судот им изрече условни затворска казна од 2 години на обвинетите Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски, Силвана Златкова и Васил Исаковски, вработени во УБК, за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување”.
За обвинетата Валентина Симоновска од УБК, Судот изрече условна казна затвор од 2 години за кривичнoто делo „фалсификување службена исправа“.
„Последно обвинетата Елена Џиланова (поранешна началничка во УБК) го признала делото „помагање на сторител по извршено кривично дело“, за што добила условна шестмесечна затворска казна, во раздвоена постапка“, рече на денешното судење судијката Џенета Бектовиќ.
Обвинителката Ленче Ристовска по изрекување на првостепената пресуда побара ефективен притвор за Сашо Мијалков со образложение дека од МВР вчера добиле известување дека не поседуваат техничка опрема и можност за 24-часовен видеонадзор над Мијалков.
По кратката пауза судијката Џенета Бектовиќ соопшти дека Советот на Судот одлучил Сашо Мијалков да замине во притвор, наместо во куќен притвор.
Судијката Бектовиќ, истакнувајќи дека се укинува мерката куќен притвор, рече дека се определува мерка притвор до правосилноста на пресудата, но најдолго 60 дена, согласно Законот за кривична постапка (ЗКП).
Обвинителката Ленче Ристовска по пресудата за „Таргет Тврдина“ во изјавата дадена за медиумите рече дека во целост се задоволни од пресудата затоа што се потврдиле сите наводи на Обвинителството.
Љупчо Шврговски, адвокатот на Сашо Мијалков, исто така по пресудата за „Таргет Тврдина“, рече дека казната за клиентот е „драконска", и дека основата за притвор е „незаконска".
- Случајот „Таргет-Тврдина"
Судскиот процес започна на 22.12.2017 година. Во текот на постапката се одржани 53 рочишта, на кои се сослушани 123 сведоци, изведени 887 материјални докази и 5 вештачења. Сослушани се и голем дел од над 200 оштетени лица.
Како што стои во обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои не биле издадени судски наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.