Abdula Berisha
28 Септември 2020•Ажурирај: 29 Септември 2020
СКОПЈЕ (АА) - Поранешната министерка за внатрешни работи на Северна Македонија, Гордана Јанкулоска, денеска во попладневните часови е спроведена во затворот Идризово за издржување на затворска казна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи (МВР), Тони Ангеловски, во телефонски разговор за АА потврди дека припадници на МВР, дејстувајќи според судска одлука, ја спровеле Јанкулоска во затвор.
Оваа одлука следи откако на 17 септември, Врховниот суд на Република Северна Македонија ги потврди пресудите на Апелациониот суд Скопје и ги одби барањата за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, поднесени од поранешниот македонски премиер Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски.
За предметот „Тенк“ поранешниот премиер и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, беше осуден на две години затвор за примање награда за противзаконско влијание за набавка на луксузен автомобил „мерцедес“, поранешната министерка за внатрешни работи доби казна затвор во траење од четири години, а поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, беше осуден на шест години и шест месеци за злоупотреба на службена должност и овластување.
Судскиот процес за поранешната министерка Јанкуловска се одвиваше одвоено поради нејзината бременост.
Во ноември 2018 година поранешниот премиер Груевски на социјалните мрежи објави дека Унгарија позитивно одговорила на неговото барање за добивање политички азил.