Besar Ademi
08 Октомври 2018•Ажурирај: 08 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Поранешната министерка за внатрешни работи на Македонија, Гордана Јанкуловска, доби шест години затвор во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство, каде што е трет обвинет во случајот за набавка на луксузниот автомобил марка „мерцедес-бенз С600“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Пресудата ја изрече претседателката на судечкиот совет, Добрила Кацарска, а на изрекувањето на пресудата не присуствуваше Јанкулоска, туку само нејзините адвокати и претставници на СЈО.
Судењето за Јанкулоска кое пред неколку месеци беше издвоено поради нејзината бременост, започна кон крајот на август годинава, откако таа се породи.
Во „Тенк“ претходно беа осудени поранешниот премиер, Никола Груевски, на две години казна затвор и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, на 6,6 години затвор, за набавка на блиндирано моторно возило „мерцедес С 600 гард“ во вредност од 600 илјади евра.
Двајцата се жалеа до Апелацискиот суд за висината на казните. Апелација соопшти дека жалбата на Груевски е отфрлена и му ја потврди затворската казна од две години. На Поповски, пак, пресудата му е преиначена на четири и пол години затвор.
Според пресудата на Кривичниот суд од 23 мај оваа година, Никола Груевски извршил влијание врз другите двајца обвинети на начин што од Гордана Јанкулоска побарал Министерството за внатрешни работи да купи патничко возило „мерцедес“, а Јанкулоска, го поттикнала Ѓоко Поповски при купување на возилото да фаворизира една компанија.