Admir Fazlagic
05 Декември 2018•Ажурирај: 06 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - „ТАВ Македонија“ на Меѓународниот аеродром Скопје денеска го пречека два милионитиот патник во една година, јавува Anadolu Agency (AA).
На денешниот промотивен настан на Меѓународниот аеродром Скопје, присуствуваа министерот за транспорт и врски на Република Македонија, Горан Сугарески, директорот на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој, претставници на „Катар ервејс“ („Qatar Airways“) во земјата, како и бројни поканети гости.
Министерот Сугарески во изјава за медиумите на Меѓународниот аеродром Скопје истакна дека денешниот ден е уште еден историски резултат за авиосообраќајот во Република Македонија.
„Два милиони превезени патници со тенденција до крај на годината оваа бројка да се зголеми за уште десетина илјади е резултат кој сите го очекувавме и кој ни дава за право да кажеме дека авиосообраќајот во Република Македонија оди во нагорна линија. Ова е заеднички успех на нашиот партнер ТАВ и Владата, кој низ години ни докажува дека умее и од Македонија да направи атрактивна дестинација“, рече Сугарески и упати честитики до ТАВ за заложбите што ги прави со цел остварување рекордни бројки.
Сугарески додаде дека Владата на Република Македонија е максимално посветена на политиките кои ќе придонесат за подигнување на авиосообраќајот на повисоко ниво.
Ивана Николоска од Прилеп која живее во Мелбурн, а која во Скопје пристигна со летот на „Катар ервејс“ од Доха е два милионитиот патник оваа година, на Меѓународниот аеродром Скопје.
Директорот на „ТАВ Македонија“, Аплер Ерсој, истакна дека ова е значаен настан не само за компанијата ТАВ, туку и за Република Македонија. Тој упати честитки на два милионитиот патник и му посака незаборавно патување во Доха, за што подготвиле специјален пакет-аранжман со нивните партнери – „Катар ервејс“ („Qatar Airways“), како и со сестринските компании – БТА, АТУ и ТАВ МОС.
Во своето обраќање, Ерсој потсетувајќи на успесите на „ТАВ Македонија“ во последните осум години рече дека на први март 2010 година, го презеле работењето на двата аеродроми во Скопје и во Охрид и подобриле некои од услугите, на начин на кој дозолуваат капацитетите на аеродромот.
„Во 2010 година поставивме цел да достигнеме еден милион патници во една година, а тоа го постигнавме во 2014 година. Потоа, поставивме следна цел - да достигнеме два милиони паници во една година, а тоа го реализиравме четири години подоцна, односно денес. Сега, можеме да поставиме нова цел, односно нов таргет, а тоа е да достигнеме три милиони патници во 2022 година“, истакна Алпер.
Тој додаде дека аеродромот во Скопје во изминативе осум години три пати бил прогласуван за аеродром со најдобри услуги во својата категорија во Европа, од страна на Меѓународниот совет на аеродроми, како и дека два пати бил меѓу десетте најдобри аеродроми во Источна Европа.