Dzihat Aliju
29 Мај 2019•Ажурирај: 29 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) вечерва во Скопје организираше ифтар, јавува Anadolu Agency (AA).
На ифтарската вечера присуствуваа претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, вицепремиерот во Владата на Северна Македонија и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за правда на Северна Македонија Рената Дескоска, министер без ресор во Владата на Северна Македонија задолжен за привлекување странски инвестиции, Елвин Хасан, поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија, Сулејман ефенди Реџепи, амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, министри, пратеници, претседатели на политички партии, претставници на турските институции и организации во земјата, претставници на Здружението „15 Јули", блиските на загинатите во обидот за државен удар на 15 јули во 2016 година во Турција, ветераните од 15 јули, како и бројни други поканети гости.
Претседателот на државата, Пендаровски, во своето обраќање пред присутните истакна дека како социјална држава Република Северна Македонија има цел да овозможи социјална правда, економска благосостојба и напредок во личниот и заедничкиот живот на сите нејзини граѓани во услови на глобална нееднаквост.
Претседателот на Северна Македонија рече дека постојат пријателски држави кои сесрдно им помагааат во исполнувањето на таа голема обврска кон граѓаните на оваа земја.
Според него, ТИКА со проектите кои ги реализира, им помага на некои од ранливите категории граѓани во општеството, а тоа се децата, болните и сиромашните.
Пендаровски нагласи дека ТИКА во Северна Македонија дава придонес во различни области како образование, здравство, земјоделство, сточарство.
„Низ годините ТИКА стана препознатлив симбол на турската солидарност и споделување и тоа не само кон Турците или муслиманите, туку кон сите мои сограѓани, независно од нивната етничка, верска или јазнична припадност. Како претседател на Република Северна Македонија од се срце и благодарам на ТИКА за таа суштинска поддршка. Се надевам дека соработувајќи за доброто на нашите граѓани ќе можеме да ги продлабочуваме односите на нашите две пријателски држави и народи“, потенцираше Пендаровски.
Амбасадорката Кара рече дека ТИКА, која, како што рече, благодарение на нејзините дејности ширум светот станала извор за гордост на Турција, во Северна Македонија од 2005 година до денес реализирала околу 1000 проекти.
Кара потсети дека ТИКА од Северна Македонија добила орден за заслуги за активностите кои ги реализирала во земјава.
„ТИКА и во следниот период со зголемен интензитет ќе ги реализира своите проекти кои имаат за цел да придонесат во развојот и просперитетот на братската и пријателска земја Северна Македонија“, додаде Кара.
Амбасадорката на Турција нагласи дека со почит се сеќава на загинатите во неуспешниот обид за државен удар на 15 јули во Турција, зад кој стои терористичката организација ФЕТО.
„Во оваа пригода би сакала да потенцирам дека веруваме во поддршката на Северна Македонија во насока на борбата против терористичките организации, на чело со ФЕТО, борба која со одлучност ќе ја продолжиме и во иднина“, рече Кара.
Координаторот на ТИКА во Скопје, Ајден, истакна дека ТИКА благодарение на хуманоцентричното, искреното и несебичното разбирање за развој направила да се пробие нова преспектива во насока на развојната соработка.
Ајден рече дека со овој пристап кој го нарекуваат „турски тип на развој“, ТИКА изготвува проекти фокусирани на приоритетите на земјите и истите транспарентно и непристрасно ги споделува со засегнатите страни.
„ТИКА, која во денешницата има 61 канцеларија во 59 земји и реализира проекти во над 170 земји, во 2005 година ги започна своите активности во Северна Македонија каде реализираше околу 1000 проекти со буџет од 100 милиони долари“, информираше координаторот на ТИКА во Скопје, Ајден.