САРАЕВО
Сега е време за економски притисок и санкции кои ќе бидат насочени особено кон Милорад Додик, неговите политички сојузници и деловни партнери, изјави за АА, Туханан Кузу, пратеник во холандскиот Парламент, од партијата ДЕНК (THINK), известува Агенција Анадолија (АА).
Холандскиот Парламент во вторникот, со 117 гласа „за“ и 33 „против“, ја усвои иницијативата на пратеникот Тунахан Кузу со која од властите на таа земја, членка на ЕУ, се бара од партнерот во ЕУ да побара санкции насочени кон Милорад Додик, претседател на Сојузот на независни социјалдемократи (SNSD), кој е и член на Претседателството на Босна и Херцеговина од ентитетот Република Српска, за негирање на геноцидот во Сребреница.
Одлуката на холандскиот Парламент дојде во време на најтешката политичка криза во Босна и Херцеговина од крајот на војната во 1995 година. Кризата се манифестира преку најавите на актуелната Влада во босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска, предводена од Додик и неговата партија СНСД, за повлекување на претходната согласност за формирање државни институции како што се Вооружените сили на БиХ, Управата за индиректно даночење, Високиот судски и обвинителски совет на БиХ и Обвинителството на БиХ и Државната агенција за истрага и заштита, потоа преку усвојување во ентитетскиот Парламент на Законот за Агенцијата за лекови и со неучество на пратениците на СНСД и неговите сојузници во работата на државните институции. Непосредна причина за кризата беше одлуката на поранешниот висок претставник во БиХ, Валентин Инцко, во јули оваа година, со која се измени Кривичниот закон на БиХ со воведување забрана за негирање на геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства утврдени со правосилни пресуди на надлежните меѓународни и домашни судови и казни за сторителите.
Пратениците на холандскиот Парламент во усвоената иницијатива ја повикаа Владата на таа земја да се залага за санкциите на Европската Унија насочени директно против Милорад Додик и неговиот круг на моќ „за да се одржи притисокот врз босанските Срби без да влијае на народот на Босна“.
Тунахан Кузу, еден ден по усвојувањето на иницијативата, која ја поддржаа 9 од 17-те клуба на политички партии во холандскиот Парламент, рече дека сега е вистинско време за економски притисок и санкции.
„Сега е време за економски притисок и санкции конкретно насочени кон Додик, неговите политички сојузници и деловни пријатели“, рече Кузу, додавајќи:
„Државните и приватните компании кои го финансираат режимот на Додик треба да имаат економски последици за политиката која ја поддржуваат и кон која се придржуваат. Време е да се дејствува сега, а не шест месеци подоцна ако сакаме да спречиме Сребреница 2.“
Во иницијативата е побарано од холандскиот министер за надворешни работи да испрати итно писмо до колегите од земјите членки на ЕУ во кое ќе ги повика да се оградат од изјавите на Додик со кои се негира геноцидот врз Бошњаците, извршен во Сребреница од 11 до 18 јули 1995 година од војската на Република Српска, предводена од осудените воени злосторници Ратко Младиќ и Радован Караџиќ.
„Ние како политичка партија (ДЕНК заб. на авт.) веруваме дека мора да се држиме до нашето ветување - никогаш повеќе, за тоа да не се повтори“, рече Кузу.
Тунахан Кузу е холандски политичар со турско потекло, пратеник во холандскиот Парламент од партијата ДЕНК, која има три члена во ова претставничко тело. Тој е поранешен член на Работничката партија (PvdA). Пратеник е во холандскиот Парламент од 2021 година, а со својот колега Селџук Озтурк ја напушти Работничката партија во ноември 2014 година и ја формира групата „Кузу/Озтурк“, која подоцна беше преименувана во ДЕНК (THINK). На изборите во 2017 година, ДЕНК освои три места во Претставничкиот дом (Долниот дом на холандскиот Парламент).
Тунахан Кузу го привлече вниманието на меѓународната јавност во септември 2016 година кога одби да се ракува со тогашниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху пред состанокот во Генералниот совет (Горниот дом на холандскиот Парламент).
Тој подоцна во изјава на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека одбил да се ракува со израелскиот премиер во знак на „протест против кршењето на човековите права на палестинските цивили на палестинска територија“.
За време на посетата на Ал Кудс (Ерусалим) во мај 2019 година, каде што престојуваше за да дознае за условите во кои живеат Палестинците во Израел, Кузу беше одведен на Ридот на храмовите поради носење палестинско знаме. Според Фарид Азаркан, колега во партијата на Кузу и актуелен лидер на ДЕНК, Кузу тогаш бил „опколен од група вооружени војници“, бил уапсен, запрен, му било одземено палестинското знаме и по еден час бил ослободен.
[Кузу студирал Јавна администрација на Универзитетот „Еразмус“ во Ротердам. Од 2008 до 2012 година бил член на Градскиот совет на Ротердам.]
news_share_descriptionsubscription_contact
