?????
11 Февруари 2016•Ажурирај: 14 Февруари 2016
ВАШИНГТОН (АА) -Американскиот Сенат едногласно ја усвои одлуката за заострување на санкциите против Северна Кореја поради нејзиното кршење на меѓународните права, посебно во поглед на тестирањето на нуклеарното оружје и користење на балистичка ракетна технологија, јавува Anadolu Agency (AA).
Одлуката усвоена од Сенатот со 96 гласа „за” слична е со одлуката изгласана во Претставничкиот дом минатиот месец.
Дополнителните санкции кон Северна Кореја ќе предизвикаат уште поголем притисок врз режимот на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун со пресекување на дотокот на финансиски средства потребни за развој на минијатурни боеви глави и ракети со долг домет.
Американските сенатори наведоа дека заострените санкции ќе се однесуваат на сите лица кои се занимаваат со увоз на стока, технологија или обука која е поврзана со набавка на оружје за масовно уништување или има врска со кршењето на човековите права.
Истовремено, Јужна Кореја соопшти дека во среда ќе ги прекине активностите во заедничкиот индустриски парк со Северна Кореја како одговор на неодамнешното лансирање на ракетите од Северот, обвинувајќи го Пјонгјанг дека користи цврста валута заработена во комплексот за финансирање на својата нуклеарна и ракетна програма.
Официјални лица во Токио, исто така, најавија заострување на санкциите против Северна Кореја.