Muhammet İkbal Arslan
14 Мај 2019•Ажурирај: 15 Мај 2019
ГОСТИВАР (АА) - Заменик-министерот за надворешни работи на Турција, Фарук Кајмакчи, заедно со своите сонародници учествуваше на ифтарска програма во Гостивар, јавува Anadolu Agency (AA).
Кајмакчи, кој како претставник на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, учествуваше на церемонијата на полагањето на свечената претседателска заклетва на Стево Пендаровски, во вилата „Водно“ се состана со новиот претседател на Северна Македонија.
За време на својата посета на Северна Македонија, Кајмачки имаше можност да се состане и со својот македонски колега, а по завршувањето на официјалната програма, турскиот заменик-министер за надворешни работи, заедно со своите сонародници учествуваше на ифтарска програма во Гостивар.
Кајмакчи, во своето обраќање за време на организираната програма, на своите сонародници и на граѓаните на Северна Македонија им ги испрати поздравите упатени од турскиот претседател Ердоган и од министерот за надворешни работи, Чавушоглу, подвлекувајќи дека Турција го поддржува членството на Северна Македонија во НАТО.
Истакнувајќи дека Турција ќе продолжи со својата поддршка, Кајмакчи рече дека верната и хармонична турска заедница која живее на овие простори е вистинско богатство за Северна Македонија, додавајќи дека таа претставува мост на цврсто пријателство и соработка меѓу Турција и Северна Македонија.
Зборувајќи за единството, Кајмакчи истакна дека Турција ќе продолжи на турската заедница да ѝ дава секаков вид поддршка на полето на образованието.
Подвлекувајќи дека забрзано се развиени билатералните, инвестициските и туристичките врски меѓу двете земји, Кајмакчи се осврна и на важноста на заедничката борба против тероризмот. Кајмакчи рече дека со цел отстранување на ФЕТО од Северна Македонија и од Балканот, потребно е сите земји да ги извршат своите обврски, велејќи дека тоа е потребно во знак на балканското пријателство и братство.
Заменик-министерот за надворешни работи, Кајмакчи, рече дека во случај на започнување на преговорите за членство во ЕУ, Северна Македонија уште повеќе ќе се развие, додавајќи дека сѐ додека сите балкански земји не станат членки на ЕУ, вклучувајќи ја тука и Турција, Европската Унија нема да биде целосна и нема да може да го искористи сиот свој потенцијал.