Fatjon Cuka, Furkan Abdula
17 Јануари 2022•Ажурирај: 17 Јануари 2022
ТИРАНА (AA) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пристигна во официјална посета на Албанија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган беше пречекан со официјална церемонија на Меѓународниот аеродром „Мајка Тереза“ во Тирана, од страна на премиерот на Албанија, Еди Рама.
Претседателот на Турција е придружуван од страна на турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу, министерот за животна средина и урбанизам Мурат Курум, министерот за млади и спорт Мехмет Мухарем Касапоглу, министерот за одбрана Хулуси Акар, и министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој,
За време на посетата ќе се разговара за односите меѓу Турција и Албанија на ниво на стратешко партнерство, како и за чекорите кои ќе се преземат за продлабочување на соработката.
Исто така, во овие рамки ќе се одржи и церемонија на доделување на становите изградени од страна на Турција во градот Лач за семејствата кои беа погодени од земјотресот што ја зафати земјата во 2019 година.
Ердоган ќе учествува и на отворањето на џамијата „Етем Бег“ во Тирана, која беше реставрирана од страна на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА).
На крајот на посетата, турскиот претседател Ердоган ќе има свое обраќање во Парламентот на Албанија.