Утре во Брисел Самит ЕУ - Западен Балкан
„Западен Балкан му припаѓа на европското семејство. Нивната иднина ќе биде во рамките на ЕУ. Мислам дека тоа е политичката порака што треба да излезе од овој самит“
БРИСЕЛ (АА) - Лидерите на Европската Унија (ЕУ), Северна Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија и Косово ќе се сретнат утре на Самит во Брисел, јавува Анадолу.
Со Петтиот самит на лидерите на шесте земји од Западен Балкан и на шефовите на држави и влади на 27-те земји членки на ЕУ ќе претседава Антонио Коста, претседателот на Европскиот совет.
Неименуван претставник на ЕУ за Анадолу изјави дека фокусот на разговорите ќе биде на генералните прашања за односите меѓу Европската Унија и земјите од Западен Балкан.
Тој истакна дека прашањето за проширувањето на Европската Унија нема да биде на дневен ред како такво, туку за него ќе се разговара индиректно.
„Постои и геополитички контекст на овој самит, што го прави уште поинтересен. Војната во Украина и руското влијание во многу делови на Европа, вклучително и на Западен Балкан, ни ставаат императив да ги зајакнеме нашите односи со нашите партнери“, изјави официјалниот претставник.
Тој додаде дека Самитот е дефинитивно добра можност да се реафирмира перспективата на Западен Балкан за членство во ЕУ.
На првата сесија на Самитот ќе се разговара за политички, а на втората за економски прашања. Зајакнувањето на добрососедството и имплементацијата на европскиот развоен план ќе бидат меѓу важните теми на самитот.
„Западен Балкан му припаѓа на европското семејство. Нивната иднина ќе биде во рамките на ЕУ. Мислам дека тоа е политичката порака што треба да излезе од овој самит“, рече официјалниот претставник.
Самитот ЕУ - Западен Балкан последен пат се одржа на 13 декември 2023 година. Тогаш ЕУ соопшти дека го поддржува членството на земјите од Западен Балкан, но дека очекува тие да ги спроведат неопходните реформи.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.