Stipe Majic
13 Јули 2020•Ажурирај: 14 Јули 2020
ЗАГРЕБ (АА) - Под претседателство на хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, денес се одржа 6. седница на Националниот совет за воведување на еврото, по која е соопштено дека Хрватска во Европскиот механизам за девизен курс (ERM2), т.н. чекалница за еврото, ќе помине најмалку две години, јавува Агенција Анадолија (АА).
Хрватскиот министер за финансии, Здравко Мариќ, влегувањето на Хрватска во девизниот валутен механизам ЕРМ2 го нарече успех, но најави дека Хрватска во т.н. чекалница ќе помине најмалку две години и дека дури по задоволувањето на номиналните критериуми од Мастрихт ќе следи воведување на еврото како национална валута.
„Тоа е доволно долг период за што подобро да се подготвиме, да ги исполниме овие мерки, за позитивните ефекти од воведувањето на еврото да бидат уште попозитивни и поголеми, а да се минимизираат евентуалните негативни, трошоците и проблемите“, рече Мариќ.
Гувернерот на Хрватската народна банка (ХНБ), Борис Вујчиќ, најави дека ХНБ заедно со Европската централна банка (ЕЦБ) отсега ќе ги надгледуваат хрватските банки, така што Хрватска влегува во составот за заедничка санација на банките на нивото на Европа, кое ќе се врши од заедничкиот фонд во Брисел.
„Ние веќе сега станавме членка на банкарската унија и пред влез во Еврозоната“, рече Вујичиќ.
Вујичиќ порача дека е важно Хрватска да продолжи со спроведувањето на економските мерки што беа на сила пред кризата предизвикана од коронавирусот.
Формалниот чин на пристапување во ЕРМ2, Европскиот механизам за девизен курс, според кој средниот курс на еврото во однос на куната е одреден на 1:7,53450, со максимална осцилација од 15 отсто, објавен е минатиот петок.