Zlatan Kapic,Ekip
17 Јуни 2020•Ажурирај: 17 Јуни 2020
САРАЕВО
Претседателот на Меѓународниот механизам за кривични судови (ММКС), Кармел Агиус, го отфрли барањето на одбраната на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, поранешниот командант на Главниот штаб на Војската на Република Српска (ВРС), кое содржи жалба за неадекватна здравствена нега која му е пружена во Притворската единица на Обединетите нации (ОН), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Како што е соопштено од ММКС, Младиќ се жалел дека Кабинетот на регистри на ММКС не му пружил адекватна медицинска нега со оглед на неговата дијагноза, поради што е потребна негова итна хоспитализација, но во одлуката на судијата Агиус е наведено дека Младиќ и неговите адвокати не го оспориле - уверливо или на некој друг начин - образложението на Кабинетот за регистри за медицинската нега која му е пружена во секоја фаза“, пренесе БИРН.
„Можам само да заклучам дека Младиќ не демонстрирал какви било грешки во врска со медицинската нега која му ја пружи Кабинетот на регистри и во тој аспект неговата жалба мора да биде одбиена“, стои во одлуката на Агиус.
Одбраната на Младиќ во своето барање истакна дека извештаите на Регистарот на Жалбениот совет се „нејасни, оскудни и контрадикторни“, со што се кршат притворските правила. Овие наводи, како што наведе Агиус, немаат никаква фактичка основа.
Регистарот во одговорот на претходното барање наведе дека е задоволен со медицинската нега, која ја смета за адекватна и дека бргу одговара на здравствените потреби на Младиќ.
Во својата одлука, судијата Агиус сепак утврди дека Регистарот ги прекршил процедуралните правила бидејќи не донел своја одлука на 27 мај во рок од 14 дена, туку тоа го направил на 5 јуни оваа година.
Агиус појаснува дека Регистарот на 27 мај го известил Младиќ да чека дополнителни информации, за да може да донесе своја одлука во наредните седум дена. Ова доцнење од седум дена, како што наведе Агиус, направено е „со добра верба“, одобрувајќи за себе повеќе време за прибавување „релевантни информации и донесување образложена пишана одлука“.
Сепак, судијата Агиус нагласи дека ова е веќе третпат оваа година Регистарот да не донесе одлука за жалбено барање во рок од 14 дена. Напомена дека Регистарот нема никакво дискреционо право да го измени овој временски рок, а какви било понатамошни кршења на оваа одредба можат да резултираат со санкции во иднина.
Иако Регистарот навремено не ја донел одлуката, Агиус смета дека тоа не значи дека наводите на жалбеното барање се признаени како вистинити.
Во однос на евентуални понатамошни жалби на Младиќ, Агиус рече дека тој има право да му пише на независното надзорно тело кое ги мониторира притворските единици.
Со првостепената пресуда на Хашкиот трибунал, Младиќ во 2017 година е прогласен за виновен за геноцид во Сребреница, прогонување на Бошњаците и Хрватите, тероризирање на граѓаните на Сараево и земање на припадниците на УНПРОФОР за заложници и осуден е на доживотна казна затвор.
Тој на таа пресуда вложи жалба, но тоа го направи и Хашкото обвинителство, барајќи тој да биде прогласен за виновен и за геноцид извршен во уште шест општини во БиХ во 1992 година.
Младиќ е опериран на 28 март оваа година, но лекарите, како што е наведено од ММКС, заклучиле дека тој закрепнува добро.
Изнесувањето жалби на пресудата на Младиќ веќе претходно е одложувано поради измените во Жалбениот совет, кој ќе донесе конечна пресуда, но и поради коронавирусот (Ковид-19). Според претходниот план, конечната пресуда би требало да биде изречена кон крајот на оваа година, но поради пандемијата на коронавирусот, завршувањето на жалбената постапка на судењето на Младиќ се очекува во првата половина во 2021 година, а пресудата, чиј термин сѐ уште не е потврден, треба да биде изречена девет месеци по изнесување на жалбите.