Adel Ömeragic
29 Мај 2017•Ажурирај: 30 Мај 2017
ПОДГОРИЦА (АА) - Министерството за надворешни работи на Црна Гора му врачи протестна нота на рускиот амбасадор во Црна Гора, Сергеј Грицај, поради ситуацијата со пратеникот на Демократската партија на социјалистите (ДПС) Миодраг Вуковиќ, кој беше уапсен и подоцна депортиран од Москва за Црна Гора, јавува Anadolu Agency (AA).
Вуковиќ е депортиран со утринскиот лет од Москва за Тиват, а доцна синоќа беше уапсен на московскиот аеродром Домодедово под образложение дека е непожелно лице.
Претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ, изрази сериозна загриженост и го осуди однесувањето на коешто е изложен пратеникот од ДПС, Миодраг Вуковиќ.
„Претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ, изразува голема загриженост и го осудува недипломатското однесување на коешто е изложен пратеникот Миодраг Вуковиќ. Задржувањето, вознемирувањето и спречувањето на патувањето на пратеникот Вуковиќ, кој на московскиот аеродром бил транзитен патник, е спротивно на меѓународното право и на дипломатската практика, додека неможноста за комуникација и употреба на личните работи може да се смета и за кршење на основните човекови права. Претседателот на Собранието на Црна Гора очекува официјално објаснување и извинување поради недоличниот однос кон претставникот на највисокото законодавно тело на Црна Гора“, се наведува во соопштението на Брајовиќ.